Македонската репрезентација продолжува со подготовките во Доха. Вчера за првпат македонските ракометари стапнаа во „Лусаил“, арената во која в петок ќе го одиграат првиот натпревар од Мундијалот.
Како и првиот ден, утрото се тренираше со тегови, вториот тренинг беше во сала. Вечерниот тренинг беше закажан во 20 часот, односно терминот беше поместен затоа што Катар го презема „нашето“ место. Помалку хаотично е во поглед на организацијата сега кога одеднаш почнаа да пристигнуваат многу луѓе и репрезентации и додека фати ред организаторот ќе има и пропусти.
Во нашиот табор амбиентот е одличен, со доза на остварена сатисфакција за добро завршена работа. Говориме за одлуката порано да се дојде во Доха и избегнување на секакви мешаници, патем и доволно време за аклиматизација.
Ивица Обрван има на располагање 18 ракометари, но на стартот на Мундијалот двајца ќе добијат статус на резервни играчи. Одлуката ќе биде донесена во последен момент. Подготовките, сепак, се чини дадоа одговор на ова прашање затоа што Никола Митревски и Ванчо Димовски ги немаше на последните контроли, па ако нема некои непредвидени промени, најлогична претпоставка е дека тие ќе го почнат шампионатот од трибините.