Македонскиот јазик од денеска може целосно да биде присутен на интернет преку регистрирање веб-страници на кирилица со националниот домен „мкд“, вклучувајќи ги и карактеристичните букви од азбуката – љ, њ, ѓ, ж, ч, ш и џ …
Како што соопштија министрите за информатичко општество и администрација и за култура, Иво Ивановски и Елизабета Канческа-Милевска, доменот „мкд“ е регистриран во меѓународниот интернет-простор. Со тоа Македонија стана петта земја во светот која воспоставува национален домен на кирилица по Русија, Србија, Казахстан и Монголија.
Првата интернет-страница на кирилица, „влада.мкд“, е веќе воспоставена.
„Направивме огромен чекор во зацврстувањето, зачувувањето и афирмацијата на нашиот јазик и писмо што беше голем стремеж и идеал на нашите предци. Успеавме да извојуваме уште една битка, уште еден успех на меѓународен план, но за тоа беа потребни многу напорна работа, трпение и лобирање од сите субјекти вклучени во процесот “- истакна Ивановски на прес-конференција.
Според Канческа-Милевска, регистрацијата на кирилското „мкд“ е особено битно за младата популација која секојдевно масовно се отуѓува од стандардниот македонски јазик и кирилското писмо.
„Воведувањето на доменот „мкд“ спонтано ќе го наметне враќањето на македонскиот збор во секојдневната употреба, но и во севкупното општествено живеење“ – напомна министерката за култура.
Процесот за стекнување нов национален домен на кирилица почна со јавно достапна анкета на која секој граѓанин, институција или заинтересиран субјект можеше да го даде својот предлог. Заслужен за целата активност е МАРнет.
Моментно се работи на приспособување на системот кој се користи за менаџирање на латиничните домени – паралелно да биде искористен и за кирилските. Во тек е и резервација на кирилски домени од страна на македонските државни институции и органи.
Во однос на зачувувањето на македонскиот јазик, Владата спроведува и низа други проекти.
„Во последните неколку години обезбедуваме поддршка за Поимникот на термини од информатичката технологија, го финансираме и печатењето на Толковниот речник на македонскиот јазик, како и подновеното издание на Правописот кое ќе се реализира оваа година. Ова се само покрупните проекти кои третираат прашања не само од македонскиот јазик, туку и од неговата историја, дијалектологија и ономастика“ – подвлече министерката за култура Канческа-Милевска.