Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби сите резултати од земените мостри добиточна храна и од угинатите животни од одгледувалиштето на овци во кумановското село Сопот, каде од декември минатата година, според статистиката на официјалните ветеринари, досега угинаа 175 животни. Направените лабораториски анализи потврдија дека причина за угинувањето на добитокот е болеста Листериоза која ја предизвикува бактеријата листерија, а која со анализите беше детектирана и во ткивата на угинатите животни и во мострите добиточна храна. Со ова се потврди сомнежот поставен од страна на надлежното ветеринарно друштво од Куманово и претставниците од Агенцијата за храна и ветеринарство дека причинител за угинувањето е оваа болест.
Бактеријата по природа често е застапена во почвата, иако ретко, може да предизвика заболување чии последици можат да бидат големи како што се случи кај одгледувачот од ова село. Животните болеста ја добија со јадење на контаминирана силажа која во најголем број на случаи се јавува како извор на зараза особено во зимските и раните пролетни месеци. Периодот на инкубација кај оваа болест изнесува 2-3 недели и за жал, одгледувачот без да биде свесен за проблемот, продолжил да ги храни животните со контамираната силажа се до појавувањето на симптомите.
При последната посета на одгледувалиштето од страна на претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, направена во текот на завчерашниот ден, утврдено е дека болеста се смирува, односно констатирано е дека нема новозаболени животни и дека се подобрува здравствената состојба кај заболените. Бидејќи заради спречување на ширење на зараза поради постоење на сомнеж на болест, за одгледувалиштето беа изречени мерки за забрана за движење на стадото и чистење и дезинфекција на шталата, како и обврска на одгледувачот за редовно пријавување на угинатите животни до надлежното ветеринарно друштво, со добивањето на наодот на одгледувачот му е доделено ново решение за забрана за движење, со кое се налажуваат и мерки на заштита на животните како и на лицата кои се во контакт со истите. Мерките ќе останат на сила се додека не измине периодот за инкубација на болеста од последниот случај на појава на клиничка слика, односно од угинување на животно.
Од АХВ истакнуваат дека одгледувачот кај кој се појави Листериоза, применува соодветни зоотехнички и био-сигурносни мерки и дека ревносно ја спроведува Годишната програма за здравствена заштита на животните, со што претставува пример за останатите одгледувачи на овци и кози.