Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес, и владината делегација во чиј состав се и министерот за привлекување на странски инвестиции, г-дин Џери Наумоф, заменик министерот за економија, г-дин Христијан Делев, и заменик директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин Климент Шекеровски присуствуваа на бизнис форум во градот Џајпур, Република Индија каде беа презентирани можностите за инвестирање и водење на бизнис во Република Македонија.
Бизнис форумот во градот Џајпур се одржа во соработка со Конфедерацијата на индиската индустрија која е најголемата стопанска комора во Република Индија.
Премиерот Груевски изјави дека Владата е фокусирана кон реализација на мерки за унапредување на економијата и кон овозможувањето на добра бизнис клима за што се преземаат бројни реформи, при што ги истакна и позитивните макроекономски индикатори.
Она што е важно за Македонија е тоа што поседува стабилна макроекономска ситуација, и инфлацијата е ниска, и поседува стабилна валута. Тоа е голема предност и овозможува сигурност за компаниите и оние кои сакаат да вложуваат, изјави Груевски.
Посочи дека паралелно со реформите во економијата се вложува значително во развојот на информатичките технологии и во сите сегменти, а Владата организира бесплатни обуки за секој во државата кој сака да користи компјутери.
Освен тоа што Македонија има факултети за информатички технологии се отвори и посебен Универзитет за информатички технологии во Охрид. Тој е државен факултет, наставата е на англиски јазик. Она што е важно за информатичкиот сектор е тоа што интернет пенетрација во 2006 година беше 9%, а денес е околу 70% со што имаме сериозен напредок во овој поглед, изјави премиерот Груевски.
Премиерот истакна дека она што може да се понуди како потенцијал се и туристичките зони во кои може да се изградат хотели и туристички капацитети, и каде што постојат истите услови како и во слободните економски зони, даночни поволности, и земјиште кое се продава по почетната цена од 1 евро за еден метар квадратен. Се осврна и на договорите за слободна трговија кои ги има потпишано нашата земја со што се обезбедува поголем пазар.
Државата има договори за слободна трговија со сите држави во Европа, освен Русија со која дискутираме да се финализира. Со сите други држави во Европа, со земјите кои се членки, и кои не се членки на Европската Унија, со државите од ЕФТА како Швајцарија, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн, но и други држави како Турција, Украина имаме склучено вакви договори. Тоа значи дека се што е произведено во Македонија може да биде извезено во тие држави без плаќање на царински давачки. Тоа е голема предност, особено што Македонија е мал пазар при што со овие договори го надминуваме овој проблем и компаниите имаат пристап до 660 милиони потрошувачи, изјави премиерот Груевски.
Министерот Џери Наумоф во своето обраќање истакна дека индиските компании треба да ја посетат нашата земја и да се уверат во добрите услови за водење на бизнис.
Може да се вложува во повеќе сфери, а една од нив е туризмот. Неодамна Њујорк Тајмс селектираше 52 туристички места во светот кои треба да се посетат во 2015 година, а Македонија е на 10 место. Реномираниот Лонли планет посочи дека Македонија е една од топ десетте земји кои треба да се посетат во 2014-та, што се два добри показатели за потенцијалите за развој и инвестирање во сферата на туризмот, изјави Наумоф.
Сопственикот на ланецот компании Солемн, Сјам Тандон, кој поседува повеќе бизниси од индустријата со метали и прехранбената индустрија даде позитивна оценка за можностите кои ги нуди нашата земја за странските инвеститори.
Ја видовме презентацијата на премиерот Груевски, даночната политика и олеснувањата, како и отвореноста кон странските инвеститори се добра можност за индиските компании и инвеститори да се поврзат и да ја искористат можноста Македонија да биде порта на инвеститорите. Индија се отвори за американскиот пазар минатата година и мислам дека треба тоа да го направиме и со Европа, а Македонија е вистинската порта за тоа, изјави Тандон.