Силјаноски: Наша главна заедничка цел е да изградиме толерантно општество

Власта избра политика на контролирани конфликти во кој лугето се поделија на „ваши“ и „наши“. Политика која гради минато, а не иднина, рече  на денешната прес конференција кандидатот за пратеник на СДСМ Охрид, Мишел Силјаноски.

„Културата и етничките разлики станаа инструмент за политичка борба. Го зголемија јазот меѓу различните етнички заедници. Ја зајакнаа нетрпеливоста меѓу верниците. Власта не стимулира толеранција и доверба, туку раздор и поделено општество. Причината е едноставна: власта профитира од тие поделби. Моделот што го промовираат е во интерес на една мала група во врхушката која работи спротивно на интересите на државата и нејзините граѓани. Од една страна внатре во државата вештачки креираат нетрпеливост помеѓу луѓето врз база на религија или етничка припадност. Од друга страна, во надворешната политика, се толку невешти што создаваат проблеми со соседите и таму каде што ги нема. Благодарение на ваквата безидејност и некадарност во водењето на надворешната политика, пропадна и обидот за организација на самит во нашиот град. Но, што да се очекува повеке од актуелните претставници на власта во државава кога наместо да пропагираат соживот, толеранција и взаемно почитување, тие на сопствените граѓани преку социјалните мрежи ги исмеаваат и укоруваат дури и ако заминат на одмор во некоја од соседните држави.“– обвини Силјаноски.

Силјаноски  истакна дека нивна главна заедничка цел е да изградат толерантно општество.

„Доста ни е од омрази и предрасуди, доста ни се тепачките по училишта, доста ни е од поделби и дискриминации. Како што доликува на едно демократско општество, мора најпрво да почнеме да се слушаме и почитуваме меѓу себе. Како луѓе, како соседи и како пријатели. Толерантноста е можеби најважниот услов за демократски односи меѓу различните социјални иопштествени групи. Кога не постои толерантност расте конфликтноста во самото општество.Во изминативе неколку години се изнаслушавме прилично доста контрадикторни изјави од страна на актуелните владини преставници. Најпрво кажуваа дека одредени крупни капитални инфраструктурни проекти не ни се неопходни односно за истите не е исплатливо да се изведат, за потоа и лично да си ги прибираат заслугите за нивна евентуална изградба.“– истакна Силјаноски.

Силјаноски додаде дека политичарот во 21 век мора да биде високо профилирана личност, со високи човечки, етички и морални квалитети и вредности, вистински и прав слуга на народот.

„Политиката не е професија и граѓаните на Општина Охрид знаат да препознаат кој најдобро ги застапувал  нивните интереси во соодветните институции, а кој се самопромовирал и работел само за својот личен напредок и интерес. Општествениот напредок и прогрес можат да го прават само вистински луѓе со соодветен личен кредибилитет, углед и авторитет.“- заврши Силјаноски.

WebOhrid