Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, прехранбени производи, текстилни производи и фалсификати.
Задржана е следната стока:
Девизи
– 44.000 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на српски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Цирих. На прашање на царинските службеници, патникот изјавил дека со себе носи 4.000 евра, но при извршениот личен претрес, под неговата облека, околу половината, пронајдени се уште 50.000 евра. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата.
– 16.000 евра, откриени на граничниот премин Железничка станица Гевгелија, при контрола на патните торби и личен претрес на грчки државјанин, патник во воз што сообраќал на релација Солун-Скопје-Белград. На прашање на царинските службеници, патникот одговорил дека со себе носи околу 2.000 евра, но при извршената контрола, во чанта со лични документи пронајдени се 24.000 евра, а во еден од внатрешните џебови од неговата јакна пронјдени се уште 2.000 евра. Согласно законските прописи на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во Република Македонија.
Храна, облека и обувки
– околу 426 килограми прехранбени производи (мед, маслинки, лупени ореви, лупени ф’стаци, телешки дроб и разни зачини) и 22,5 литри домашна мастика-ципуро, со вкупна вредност од над 100 илјади денари, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило – пикап со грчки регистарски таблички, управувано од грчки државјанин, пријавено за влез во државата. Возачот се обидел да ја избегне царинската контрола, но во тоа бил спречен од царинските службеници, кои при преглед на товарниот дел на возилото ја открија непријавената стока.
-97 готови текстилни производи (кошули, фустани, панталони, фармерки, тренерки, блузи, детски бањарки, палта и друго) и 12 пара обувки (патики и женски чевли и чизми), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патнички куфер сопственост на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 798 готови текстилни производи (машки блузи и фармерки и детски тренерки) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило со турски регистарски таблички, управувано од турски државјанин, пријавено за влез во државата. Возилото било натоварено со стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Швајцарија.
– 2 мобилни телефони со ознака на заштитена трговска марка, откриени на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на 2 пратки, од кои едната испратена од Сингапур, наменета за физичко лице од Тетово, а другата испратена од Холандија, наменета за физичко лице од Кратово.
Погрешно тарифирање на стока
На царинска испостава Скопје 1, откриен е случај на погрешно тарифирање на стока, при што увозник од Скопје се обиде да избегне плаќање на царински давачки во вкупен износ од 59.711,00 денари.
За увозно царинење фирмата пријавила електронски склоп во тарифна ознака со 0% царинска стапка. По извршен документарен и физички преглед е утврдено дека се работи за стартери за мотори кои се распоредуваат во тарифна ознака со 15% царинска стапка.
Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, се пресметани дополнителни давачки во износ од 59.711,00 денари, а против увозникот превземени се соодветните законски мерки.