Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими федералниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, г. Себастијан Курц.
На средбата беа разменети мислења и информации за натамошното продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу Република Македонија и Република Австрија, како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во Европската Унија.
Двајцата соговорници констатираа одлични билатерални односи меѓу двете земји, со континуиран политички дијалог и динамична соработка во повеќе области од заеднички интерес. Во тој контекст посебно беше потенцирана добрата соработка во сферата на економијата и инвестициите, а претседателот Иванов ја реафирмираше нашата подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во оваа сфера.
Македонскиот претседател се заблагодари на отворената и континуирана поддршка од страна на Република Австрија за европските аспирации на Република Македонија, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина, со цел деблокада на македонските интегративни процеси.
Претседателот Иванов нагласи дека отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ како најважна цел за Република Македонија, ќе придонесат за засилување на реформските процеси и за поуспешно соочување со предизвиците. Заемен заклучок беше дека европската интеграција на земјите од Западен Балкан е клучен предуслов за трајна стабилност и просперитет на регионот.
Министер Курц, истакна дека стратешки интерес на Република Австрија е целосна интеграција на регионот во евроатланските структури, и дека ќе продолжат со нивната активна улога и заложби за влез на Македонија во ЕУ.
На интерес на соговорникот претседателот Иванов истакна дека Република Македонија изгради и негува модел на соживот и почитување на различностите кој претставува исклучително позитивен пример не само во нашиот регион туку и многу пошироко.