Мерките и политиките на Владата во капиталните инвестиции во Буџетот, долгорочната политика за привлекување странски инвестиции и помошта за домашните фирми во изминатиот период, според вицепремиерот Зоран Ставрески, се клучни причини за постигнувањата на македонскиот економски раст за минатата и перспективите за годинава истакнати во извштаите на Ебвропската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Светската банка (СБ).
Заедничката констатација дека Македонија има најдобар економски резултат во 2014 година во ЈИЕ и Централна Европа и најдобра перспектива за раст на економијата за годинава во последните извештаи на ЕБОР и СБ е најдобар пример и показател за успехот на владините економски политики и ги демантира тврдењата дека немаме успех во економијата, оцени денеска на прес-конференција вицепремиерот Зоран Ставрески.
Според него, токму во извештаите од ЕБОР и СБ, реномирани и стручни финансиски институции во Европа и светот, се разгираничува што е лага, а што вистина во економскиот дел за Македонија, односно, како што рече, кој од тие што зборуваат за економијата бил во право.
„Во поларизираната политичка атмосфера во Македонија честопати се случува за одредени теми за кои во суштина не би требало да има несогласувања бидејќи се работи за прашања кои се дефинирани со бројки и податоци има спротивставени мислења, и тоа не е толку чудно, но чудно е што понекогаш нема рекапитулар да се види откако ќе се завршат годините и резултатите кој имал право и зборувал со аргументи, а кој лажел едноставно или од дневно политички причини презентирал одредени состојби. Затоа е добро одвреме навреме барем да се расчисти таа магла и да се види какви се вистинските резултати на македонската економија“, рече Ставрески.
Во извештајот на ЕБОР, посочи, РМ има најдобар економски резулат во регионот на Југоисточна Европа и Централна Европа за 2014 година со стапка на раст од 3,8 проценти, а по неа следат Унгарија и Полска со 3,2 проценти, Литванија со 2,9, Словенија со 2,7 …. Од државите со најблиско опкружување Црна Гора е со раст од 1,3 проценти, Босна со 0,9 проценти, Хрватска и Србија се во негатива со – 0,5 и – 0,2 проценти. Просекот на растот на економијата на сите овие земји, нагалси, е 1,7 проценти во однос на 3,8 проценти колку што има Македонија.
Во проекциите на ЕБОР за 2015 Македонија, наведе Ставрески, е на првото место во однос на перспективите за економски раст, односно имаме 3,5 проценти раст на економијата, Косово е со идентичен процент, Литванија е со 3,2 проценти…, а соседните држави се на другиот крај на графиконот со минимален позитивен раст.
Ставрески потенцира дека со последниот извештај ЕБОР всушност ги ревидира во нагорна линија проекциите за Македонија, кои изнесуваа 3 проценти за 2014 и за 2015 година. Позитивно ревидрање е направено само кај две земји, а кај сите останатите ревидрањето е надолу заради понегативните движења во европската економија од очекувањата. Во европската економија во 2014 година растот се очекува да достигне 1,2 проценти, а македонскиот од 3,8 проценти е повисок за три пати за 2014 година, а слични се и показателите за 2015.
Во извештајот на СБ, пак, очекувањата за 2014 се дека РМ повторно од сите 10 опфатени држави има највисок економски раст. СБ смета дека Македонија повторно е најдобро позиционирана да оствари најдобар економски раст во регионот на ЈИЕ и Централна Европа. Очекувањата на СБ се 3,5 проценти, повисок раст од 2014 и се очекува дека останатите земји ќе имаат нешто повисок раст но во суштина Македонија ја истакнуваат како земја со најдобри потенцијали, рече вицепремиерот Ставрески.
Остварените резултати и перспективите, потенцира, не се случајни, а извештаите на овие две финансики институции го истакнуваат истото она што претходно носителите на економските политики го кажаа како причини за растот на македонската економија во време кога европската економија нема или има многу низок раст.
Во осврт на клучните причини за резултатите истакна дека капиталните инвестици во буџетот овозможија реализација на крупни проекти за градежништвото, изградба на автопати, обнова на патишта, изградба на пругата кон Бугарија…, што овозможи двоцифрени стапки на раст во градежништвото, а индустријата веќе година и половина бележи раст секој месец и за 2014 година има раст од 5 проценти. Се покажа, појасни, дека е исправна и политиката на привлекување странски инвестици, односно на т.н зелени полјани на СДСМ денес има 10 фабрики, 13.000 луѓе кои работат и извоз од милијарда и 10 милиони евра годишно, што една третина од вкупниот извоз на РМ. Тоа се резулатите што директно придонеса за растот на македонската економија, рече Ставрески истакнувајќи дека клучна била и помошта преку кредитната линија од ЕИБ за домашните компании.
„Со оглед на тоа дека овие мерки се вградени во буџетот за 2015 и следните година очекувањата се разумни и реални дека ќе продолжиме со реализација на овие политики и ќе овозможиме македонската економија и во следните години да има висок економски раст, како што се проектира за 2015 можеме да очекуваме и интензивирање на растот во периодот по 2015 година затоа што ќе се реализираат уште неколку крупни инфраструктурни проекти, ќе продолжи високата економска активност во компаните во слободните зони, како и користењето на евтините кредитни линии“, рече Ставрески.