Ставрески: Расте интересот за „Купи куќа, купи стан“, голема посетеност на канцеларијата

Канцеларијата за проектот „Купи куќа, купи стан“ отворена во Министерството за финансии, ги исполни очекувањата.

Како што соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во канцеларијата дневно доаѓаат преку 30 лица, се информираат каде има станови по цена помалку од 900 евра за метар квадратен, преку кои фирми може да ги купат. Се интересираат и каде има локации за куќи, кои се банките преку кои може да се земат кредити, под кои услови и колку државна помош можат да добијат.

„Ги информираме граѓаните за сите услови. Интересот е значително зголемен. Од крајот на ноември до Нова година позитивно се решени преку 100 барања, а од тогаш до сега 35“, рече Ставрески, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за еднократсниот отпис на долгови.

Според него, интересот се интензивира согласно одржаните саеми и работата на канцеларијата.

– Сакам уште еднаш да ги повикам граѓаните да дојдат, да се информираат. Кога ќе се информираат ќе можат да си ја проценат состојбата и подобро да донесат одлака, подвлече вицепремиерот и министер за финансии.