Македонија 36-31 Австрија

Македонската ракометна репрезентација забележа победа против Австрија во петтиот натпревар на Светското првенство кое се игра во Катар. Иако и двете репрезентации имаа обезбедено пласман во осминафиналето пред овој натпревар, победата и тоа како беше значајна, поради одредувањето на противникот во осминафиналето.

Македонија го започна овој натпревар со гол, иако рано, веднаш се наметна како фаворит на овој натпревар. Но, таа улога не беше воопшто лесна, особено поради цврстата борба во одбрана на двете репрезентации. Македонија имаше водство во првите седум минути, Австрија изедначи и успеа на дојде до водство во деветтата минута. Но, Македонија наметна подобра игра и повторно го презеде водството. Во 19-та минута Австрија успеа да изедначи на 10:10, но нашите ракометари веднаш возвратија и повторно ја вратија разликата од два голови предност. Таа предност од +2 траеше се до последните две минути кога Австрија успеа најпрво да намали, а потоа и да изедначи на 16-16, резултат со кој се замина на полувреме.

Второ полувреме започна со гол за Македонија, на кој Австрија веднаш возврати, а тоа беше случај и при следното водство на Македонија (18-18). Македонија имаше неуспешен напад, после кој Австрија дојде до прво водство во второто полувреме. Но, работите тргнаа на добро за нашите ракометари, особено после црвениот картон кој го доби Жиура поради фаул врз Миркуловски. Македонија веднаш изедначи, следуваше период на брза игра, исклучувања за Австрија, пенали за Македонија, период во кој нашата репрезентација стигна до предност од 4 голови (25-21). Одличната игра продолжи, нашата репрезентација одигра одлично во одбрана, но и ефикасно во напад за најголема предност на натпреварот од шест голови со резултат 28-22. Австрија се обидуваше да ја намали таа предност во самата завршница од натпреварот, но Македонија успеа да зачува предност од пет голови и победи со 36-31 на овој натпревар.

За играч на натпреварот беше прогласен Кире Лазаров, кој беше и најефикасен стрелец со 9 постигнати голови.

Во осминафиналето, во недела (25 јануари) во 16:30 часот, репрезентацијата на Македонија ќе игра против Словенија.

WebOhrid