Синоќа, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески заседаваше на состанокот на Координативното тело за спречување со кризи во проширен состав, на кој се разгледуваше состојбата со поплавените подрачја како и најавите за дестабилизација на временските услови.
Според информациите од УХМР, нов јужен бран ќе ја зафати територијата на Република Македонија. Се очекува врнежите да бидат со поголем интензитет од тие во изминатиот викенд. Дополнително се очекува водостојот на реките да се зголеми со топење на снеговите со што се подигнува алармантноста со хидролошката состојба.
На координативниот состанок беа утврдени следниве препораки:
· градоначалниците да ги стават на готовност сите расположливи ресурси,
· градоначалниците да ги мобилизираат кризните штабови и во нив да ги вклучат, претставници од ЦУК, ДЗС и МВР,
· градоначалниците кои имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси (механизација, вреќи и нафта) веднаш да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување,
· градоначалниците да ги информираат месните заедници за најавената дестабилизација на временските услови,
· континуирано да се следи водостојот на реките, да се следи и нивото на акумулациите.
· ЕЛС да интервенира на мостови каде има опасност од задржување големи наноси од надојдените реки,
· сите граѓани кои сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот број 195 на ЦУК,
· припадниците на МВР и Министерството за одбрана да бидат подготвени за интервенција
· возачите навремено да се информираат за состојбата на патните правци од страна на АМСМ,
· Апел до месното население да помага и да се активира.
Надлежните институции се во постојана координација и комуникација се со цел благовремено да се преземат превентивни мерки за избегнување од евентуални несакани последици.