Пронајдена опрема за пресување и пакување дроги

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал по претходно изготвен план за преземање на активности во врска со сознание за недозволена трговија со дрога изврши претреси на две локации на подрачјето на Гостивар и Маврово, заради обезбедување на докази за сторено кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член 215 од КЗ на РМ. При претресите запленети се калапи и друга погодна опрема за пресување на наркотична дрога, 434 куршуми со калибар 7,62 за автоматска пушка како и 227 куршуми калибар 9 мм за пиштолска муниција и еден пиштол марка „Берета“.

Имено по сознание дека лицето Б.О.(48) од Гостивар е инволвиран во недозволена трговија со дрога, по наредба на Судија на претходна постапка од страна на полициски службеници извршени се претреси на дом и други простории сопственост на осомничениот во Гостивар како и во викенд куќа во с.Леуново –Маврово сопственост на Б.О.

Од извршените претреси на горенаведените локации во викенд куќата во с.Леуново пронајдено е следново: една стаклена тегла со 200 куршуми калибар 7,62 мм за автоматска пушка, 2 картонски кутии со 140 куршуми калибар 7,62 мм, една картонска кутија со 64 куршуми калибар 7,62 мм, и едно облепено пакување со вкупно 30 куршуми калибар 7,62 мм потоа една хидраулична дигалка од 4 тони со натпис „hydraulic jack“, два предмети со цилиндрична форма сребрена боја, еден предмет од метал облепен со бела леплива лента, еден метален предмет со кружна форма облепен со бела и зелена лента, еден метален предмет на кој од четири страни има шипка со навој и завртки од двете страни, а двете страни имаат метални прачки со квадратна форма, едно црвено кесе во кое имало две картонски кутии со натпис „пиштолетни патрони “ калибар 7,62 мм, една картонска кутија обвиткана со кафејава салотејп трака, едно пакување со селотејп во кружна форма, еден маркер сина боја, една кујнска вага, една користена бела ракавица, една искористена леплива трака сина боја на која има остатоци од жолта полиетиленска кеса, два метални предмети во форма на правоаголник кои од надворешната страна се ребрасти, два метални капаци во форма на правоаголник кои од надворешната страна се ребрасти, две метални плочки правоаголна форма кои од надворешната страна имаат елипсовидни фигури, една метална плочка со натпис „Dona Witz“, две парчиња стиропор едно со правоаголна и едно со квадратна форма, едно дрвено парче со правоаголна форма на кое има видливи отпечатоци, седум селотејп траки со кафејава боја со натпис „hinsimao“, две селотејп траки сина боја со натпис „seloplast“, една селотејп со натпис „bellotone“, една ролна со најлон за вакумирање, една шпакла со остатоци од зелена растителна материја, како и траги од прашкаста материја.

По извршениот претрес во домот на Б.О. во Гостивар пронајдени се еден пиштол марка „Bereta“ со дозвола една рамка со 15 куршуми калибар 9 мм, една рамка со 14 куршуми калибар 9 мм и 4 пакувања со 198 куршуми калибар 9 мм за пиштол. Иако за горенаведениот пиштол марка „Bereta“ Б.О. поседувал соодветна дозвола, поради сторените кривични дела ќе биде спроведена Управна постапка за одземање на горенаведениот пиштол.

При претресите не е пронајдена наркотична дрога, но пронајдените предмети во викенд куќата во с.Леуново укажуваат на тоа дека во претходниот период се пресувала и пакувала наркотична дрога. Одземените предмети се предадени до Одделот за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР на РМ, и по извршено вештачење на пронајдените траги од растителна и прашкаста материја утврдено е дека се работи за траги од наркотични дроги марихуана и кокаин.

Од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Гостивар поднесена е кривична пријава против Б.О., дека ги сторил кривичните дела – “Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ предвидено и казниво по член:396 ст2 и кривичното дело “Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член: 215 став 4 од КЗ на Р. Македонија. Лицето е изнесено пред судија на претходна постапка за што му е одреден притвор во траење од 48 часа со можност за продолжување.