Пуштени во оптек ковани пари за колекционерски цели „Водолија“ и „Риби“ од серијата „Хороскопски знаци“

Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека се издадени и пуштени во оптек кованите пари за колекционерски цели „Водолија“ и „Риби“ од серијата „Хороскопски знаци“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 162/14, 169/14 и 181/14).

Кованата пара „Водолија“ ги има следниве карактеристики:

– на аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија” и „10 денари” на македонски јазик, како и годината на издавање „2015” и ознаката „Аg925”.

– на левата страна на реверсот е прикажан портрет на Водолија како носи стомна со вода на рамото. Водата се истура од стомната и го опкружува вметнатото кружно кобалтно стакленце на коешто е отпечатено соѕвездието на хороскопскиот знак Водолија. На долниот дел, по должината на периметарот, е претставен симболот на хороскопскиот знак Водолија отпечатен на стомна, како и името на овој знак на латински јазик. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги и симболот на Водолијата, а делумно и косата и брановите од водата) се насликани со злато.

Кованата пара „Риби” ги има следниве карактеристики:

– на аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија” и „10 денари” на македонски јазик, како и годината на издавање „2015” и ознаката „Аg925”.

– на левата страна на реверсот е прикажана слика на двете риби коишто пливаат во спротивна насока. На десната страна е претставен украс составен од водни лилјани коишто го опкружуваат вметнатото кобалтно стакленце на коешто е насликано соѕвездието на хороскопскиот знак Риби. На долниот дел, по должината на периметарот, е претставено името на хороскопскиот знак Риби на латински јазик и симболот на хороскопскиот знак Риби отпечатен на лист од воден лилјан. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги перките и крлушките, симболот на Риби и центарот на цветот) се насликани со злато.

Овие ковани пари се изработени од сребро Аg925, со тежина на среброто од 21,00 г, чистота на среброто 19,43 г, во овална форма со димензии од 35 х 45 мм, полирани со 24-каратна златна меѓуоснова и вметнато тркалезно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.

Цената на кованата пара „Водолија“ и на кованата пара „Риби“ изнесува 2.700,00 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.

Дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели се објавени на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија www.nbrm.mk.