Поддршка од Соединетите Американски Држави за членството на Македонија во НАТО

Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија се подготвени веднаш да ги преземат обврските кои произлегуваат од полноправното членство во НАТО алијансата. Македонија продолжува со својот придонес во меѓународните мировни мисии, меѓу кои и мисијата “Одлучна поддршка”, со што се одржува континуитетот во поддршката за воспоставување на мир, демократија и просперитет на глобално ниво.

Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски на вчерашниот состанок во американскиот Стејт департмент со Хојт Ји, заменик помошник секретар за Европа и Евроазија. Министерот Јолевски и заменик-помошникот секретар Ји разменија мислења и за реформските процеси во Армијата, како и за безбедносната состојба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко.

Воедно во текот на вчерашниот ден, министерот Јолевски оствари средби со неколку американски Сенатори и тоа сенаторот Том Котон, сенаторот Патрик Лејхи и сенаторот Џејмс Инхоф, кој е еден од најстарите членови на Комисијата за одбрана.

Sredba-Koton-2

На средбите министерот Јолевски посочи дека интеграцијата на Република Македонија во НАТО позитивно ќе влијае на развојот и на целосната стабилизација на Југоисточна Европа. Имајќи го тоа на ум, додаде министерот, Македонија напорно работи на постојаниот развој на сите сфери во општеството, особено сферата на одбраната и безбедноста. Во таа насока министерот истакна дека соработката со Соединетите Држави и нејзината Армија се од големо значење за Армијата на Република Македонија.

Членовите на американскиот Сенат на средбите со министерот Јолевски дадоа недвосмислена поддршка за членството на Македонија во Алијансата и изразија благодарност и исклучително високо мислење за способностите на припадниците на АРМ покажани во мисиите во Авганистан и Ирак.

Во рамки на посетата, министерот Јолевски денес се среќава со Саманта Смит, Директор за Балканот, Црноморскиот регион и Кавказот во Советот за национална безбедност на Белата куќа.

Sredba-Yee