Името и делото на великанот на македонската преродба, денеска се чествуваше и во неговата Спомен куќа, со манифестацијата „Стихови и звуци за Прличев“.
На свеченоста, градоначалникот Никола Бакрачески, на ученичката Дона Трајкоска и ја врачи наградата за најдобра литературна творба што ја освои на анонимниот конкурс на Основното училиште „Григор Прличев“.
„Во рамките на годинашниве „ Прличеви беседи“, со овој настан сакаме да ги вклучиме и младите кои со своите знаења, вештини и креативност го слават празникот на охридскиот ловороносец- големиот Григор Прличев. Со ова потврдуваме дека, со убави зборови, од раката на најмладите, најдобро се негува Великиот Прличев. И натаму како и досега, општина Охрид ќе ги поддржува ваквите манифестации и ќе ги стимулира младите да го почитуваат, да го слават и да одат по патот на Прличев“- рече градоначалникот Бакрачески.
Во културно-уметничката програма настапија актерите од Охридскиот театар Билјана Билаловиќ и Павел Маслов, учениците Даниел Мојсоски и Ана Бошалеска од ОМУ „Методи Патче“ и добитничката на наградата Дона Трајкоска.
Делегација на општина Охрид, предводена од претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска, присуствуваше на полагањето на ловоров венец на бистата на Григор Прличев пред библиотеката, како и на Беседата и Охридската визита што се одржаа во оваа културна установа.