Снежна бура, најсилна оваа зима вчера ја зафати Словенија. Поради обилните врнежи затворени се неколку училишта, а воведена е и забрана за движење на тешки товарни возила.
Се очекува да наврнат големи количини снег, а на некои места снежната прекривка би можела да достигне и до 80 сантиметри.
На возачите им се советува да не тргнуваат на пат и им се преорачува да го користат железничкиот сообраќај.
Обилните снежни врнежи и силниот ветер прво го погодиле западниот дел на земјата.
Засега затворени се училишта на две места во западниот дел на државата, но се очекува прекин на наставата и во неколку други училишта.
Во Словенија е прогласен портокалов степен на опасност, а во некои делови од земјата е прогласен црвен аларм.
Најавеното влошување на временските услови се оствари и во Хрватска, која исто така е зафатена од силно снежно невреме, кое предизивка отежнато одвивање на сообраќајот.
Врнежи од снег имало непрестано во текот на изминатата ноќ. Врнежите ќе продолжат и денеска кога се очекува да наврнат дополнителни 20 до 30 сантиметри снег.
Издадено е „црвено предупредување“ во неколку региони од земјата.
Метеоаларм денеска во БиХ издаде портокалов аларм поради интензивните врнежи од снег во северозападниот дел од земјата и растот на снежната прекривка.
Голем број населби во земјата се останати без електрична енергија, училиштата не работат, а движењето низ улиците е отежнато како за возачите, така и за пешаците.
Во Црна Гора времето денеска ќе биде претежно облачно и врнежливо, а ќе има и појава на грмежи. На повисоките места ќе има врнежи од снег.
Обилните врнежи од дожд само дополнително ја отежнуваат состојбата во поплавените подрачја во Македонија, но службите и граѓаните интензивно работат на превенција од евентуални поголеми штети.
Извор: Нет Прес