Министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски вчера во Вашингтон оствари средба со Саманта Смит, Директор за Балканот, Црноморскиот регион и Кавказот во Советот за национална безбедност на Белата куќа.
На средбата Министерот Јолевски укажа на потребата Република Македонија што поскоро да добие покана за станување полноправен член на Алијансата, со што значително ќе се влијае на зачувување на мирот, демократијата и просперитетот на регионот на Југоисточна Европа и пошироко. „Македонија продолжува со реформските зафати во одбраната, но и во образованието, здравството и економијата. Со учеството во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО, ООН и Европската Унија, Македонија и нејзините граѓани покажуваат дека се посветени на развојот на современите вредности на глобално ниво“, посочи министерот Јолевски. Во тој контекст, додаде министерот, е и учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија во новата мисија на Алијансата „Одлучна поддршка“.
Со оваа средба министерот Јолевски ја заврши посетата на Соединетите Држави во чии рамки оствари значајни средби со поголем број претставници на американскиот Сенат и Конгрес, претставници на водечки и влијателни „тинк-тенк“-организации и ја пренесе пораката за потребата од што е можно побрзо зачленување на Македонија во НАТО. Воедно министерот Јолевски оствари и средби со претставници на Командата за специјални операции на вооружените сили на САД, при што беа разгледувани идните чекори на унапредување на соработката помеѓу специјалните сили на Република Македонија и на Соединетите Американски Држави.