Наспроти законските одредби под хипотека ставиле имот на „Транс Велес“ во висина од над 300.000 евра

Секторот за внатрешни работи Велес во соработка со надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против лицата С.К.С. државјанин на Р.Бугарија, И.Т. (53) од Велес- извршен директор на Транс Велес АД Скопје во периодот 2001-26.02.2004 година, член на Одбор на директори на Транс Велес АД Скопје во периодот 26.02.2004-16.11.2007 и сопственик/управител на „Тедико Илија“ ДООЕЛ Велес- мнозински акционер во АД Транс Велес АД Скопје, З.К. (58) од Скопје- претседател на Одборот на директори на Транс Велес АД Скопје од 2001-16.11.2007 година, Л.Т.И. (40) од Велес- член на Одборот на директори на Транс Велес АД Скопје од 26.02.2004-16.11.2007 година, С.Л. (52) од Велес- член на Одборот на директори на Транс Велес АД Скопје од 26.02.2004-16.11.2007 година, Д.Л. (58) од Велес- член на Одборот на директори на Транс Велес АД Скопје од 26.02.2004-16.11.2007 година, Н.Л. (50) од Велес- член на Одборот на директори на Транс Велес АД Скопје од 26.02.2004-16.11.2007 година и Н.Н. (52) од Велес- член на Одборот на директори на Транс Велес АД Скопје од 26.02.2004-16.11.2007 година, поради основи на сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување.

Првопријавениот како овластено лице- извршен директор на „Транс Велес“ АД Скопје, второпријавениот во својство на претседател на Одбор на директори и останатите пријавени во својство на неизвршни членови на одборот на директори на АД „Транс Велес“ АД Скопје, во 2005 година ја злоупотребиле службената положба и овластување на тој начин што, иако настапила околност за отворање стечајна постапка, истите донеле одлука а потоа и склучиле Анекс договор со кој се одобрува ставање на дополнителна хипотека на недвижен имот проценет во износ од 307 800 евра, имот на „Транс Велес“ АД Скопје, како гаранција заради обезбедување на кредитно барање на „Тедико Илија“ ДООЕЛ Велес. Заради неисполнување на обврските од страна на „Тедико Илија“ ДООЕЛ по барање на доверителот Тутунска банка АД Скопје, спроведена е постапка за извршување врз недвижноста сопственост на Транс Велес АД Скопје, односно, извршена е продажба на недвижноста во вкупна вредност од 20 474 888 денари, сума за која им нанеле значителна штета на останатите акционери на Транс Велес АД Скопје.

Исто така СВР Велес во соработка со надлежното обвинителство поднесе кривична пријава и против лицето Ј.С. (52) од Велес- извршен директор на АД „Велеспром“ Велес во периодот 2000год.-17.01.2013год. година, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Пријавениот во својство на овластено лице- извршен директор на АД „Велеспром“ Велес, во 2005 година постапил спротивно на Законот за трговски друштва, односно, без одлука на надлежен орган на АД „Велеспром“ Велес (Одбор на директори и Собрание на акционери), самоиницијативно склучил штетен договор и го отстапил побарувањето во износ од 8 391 992 денари во корист на ДАТШ „Транс Велес“. Имено, побарувањето произлегува од инвестиционите вложувања кои АД „Велеспром“ Велес ги вложил како соинвеститор во реконструкција на објект на ДАТШ „Транс Велес“ АД Скопје, за да потоа, „Транс Велес“ АД Скопје реконструираниот објект го заложи во корист на мнозинскиот акционер „Тедико Илија“ ДООЕЛ Велес. Со наведеното, пријавениот нанел значителна штета на имотот на АД „Велеспром“ Велес во износ од 8.391.992 денари, во корист на ДАТШ Транс Велес АД Скопје.