На помалку од три седмици до почетокот на пролетниот дел од Првата и Втората македонска фудбалска лига денес во Скопје, Фудбалската федерација на Македонија организираше работен состанок со делегатите на натпреварите од Прва и Втора македонска фудбалска лига.
Натпреварувањето, безбедноста, заштитата на интегритетот на натпреварувањето и судискиот дел беа главни теми на состанокот организиран од Одделот за натпреварување во ФФМ.
Во своето обраќање до официјалните лица на натпреварите, Претседателот на комисијата на натпреварување, Васко Дојчиновски даде осврт на досегашниот дел од првенството, ги посочи клучните обврски на делегатите на натпреварите и ги образложи инстукциите за прекин на натпревар од било која причина.
„Делегатите на натпреварите се важен дел од натпреварувањето, еден вид продолжена рака на Одделот за натпреварување во ФФМ. Свесни сме дека без добра комуникација и синергија не можеме да оствариме напредок кој е цел на сите нас. Не радува тоа што сите официјални лица проактивно се вклучија во разговорите на состанокот, постои очигледен интерес и желба на ваков начин да помогнеме во развојот на македонскиот фудбал. Совршени решенија кои ќе ги задоволат сите не постојат, но сите се стремиме да ги поддржиме најдобрите можни решенија и прописи од кои сите ќе имаме корист“, – вели Васко Дојчиновски.
Во делот за безбедноста говореа претседателот на комисијата за безбедност, Зоран Саздов и одговорното лице за интегритет, Роберт Марковиќ. Делегатите беа информирани за сите превентивни, организациски мерки и активности кои треба да ги превземат за натпреварите.
Емил Божиновски, претседателот на комисијата за судии на ФФМ објасни на кој начин ќе се одвива координацијата на работата на судиите пред, за време и после натпреварите.