Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и претседателот на Националниот сојуз на слепи лица, Жарко Селковски промовираа нови 40 наслови на аудио книги од Проектот „400 Аудио книги за лица со оштетен вид“.
При тоа министерот Спасов истакна дека:
„Слепите и слабовидните лица и деца ги имаат истите потреби како и лицата кои гледаат, ги поседуваат истите вештини и можат да дадат многу во сите текови на општествениот живот. Како ресорен министер, не само што чувствувам должност туку ми е чест да ги подржувам во сите нивни настојувања. Со Националниот сојуз имаме интензивна комуникација и соработка која вродува со бројни иницијативи и проекти. Ја имам денеска честа да ги промовираме новите 40 наслови на аудио книги, кои се дел од Проектот 400 аудио книги за слепи лица, 4 годишен проект кој е во фаза на реализација при што планираме да го надминеме бројот на планирани аудио книги”.– рече Спасов.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека овој проект беше инициран од големата потреба за оформување на фонд за аудио книгии дека со неговата реализација се отпочна минатата година, а оваа се продолжува со интензивно темпо.
„Се предвидува снимање на аудио книги секоја година, од различен жанр како белетристика, детски лектири, стручна литература којa ќе послужи за едукација во училиштата, но и надвор од нив. Морам да споменам дека истите се изработувани по највисоки стандарди во читањето и изговорот, а изборот на литературата е правен во консултации со Националниот сојуз на слепи лица и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов”, рече Спасов и продолжи:
„Користевме и искуства од соседството во делот на доближување на книгата до слепите лица. Досега на располагање ставивме 40 наслови на аудио записи во септември минатата година кои Македонското радио-радио Скопје ги отстапи за потребите на слепите лица. Со овие нови 40 наслови или вкупно 80 во изминативе 6 месеци дополнително го зголемуваме фондот на аудио книги.Во новите наслови застапени се дела од македонски и странски автори наменети за деца и младинци, и тоа раскази, романи, поезија, песни, приказни итн. И во наредниот период продолжуваме со интензивна изработка на аудио книги од најразличен жанр. До крајот на март ќе бидат снимени уште 60 книги, и исто така во март ќе биде распишана јавна набавка за снимање на уште 200 книги”.- рече Спасов.
Спасов информираше дека промовираните наслови ќе бидат достапни во НУБ Св.Климент Охридски во Скопје, во Одделението за слепи и слабовидни лица. Аудио книгите ќе бидат достапни и во државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид, и во Националниот сојуз на слепи лица.
Завршувајќи го своето обраќање по повод промоцијата на новите 40 наслови на аудио книги Спасов рече:
„Денес го презентираме првичниот резултат од оваа благородна идеја. Постојат многу можности да се прави и допринесува за слепите лица. Сè што правиме за нив, правиме со нив. 2015 година ќе биде година на многу реализирани ветувања”.- заврши Спасов.