Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на промотивниот настан „е-Пристапно образование во Република Македонија“, кое е дел од проектот е пристапно образование на УСАИД и НВО„Отворете ги прозорците“. Адеми истакна дека во Република Македонија правото на образование е загарантирано и за децата со посебни образовни потреби.
„За да постигнат поголем успех во училиште, од голема корист е соработката на институциите со невладиниот сектор. Нашите партнери УСАИД и „Отворете ги прозорците“, преку проектот за електронско пристапно образование, направија многу на ова поле. Преку проектот, во изминативе пет години 31 основно и 2 средни учичишта, опремени се со асистивна технологија, со чија помош учениците со посебни образовни потреби, можат полесно да учат и да ја совладуваат наставата“, рече Адеми.
Со учениците со посебни образовни потреби работат наставници обучени да ја користат асистивната технологија во секојдневната настава.
Адеми додаде дека соработката со УСАИД и „Отворете ги прозорците“ ќе продолжи и понатаму, бидејќи целта е да се создадат еднакви можности за сите ученици.