Отворена 61-вата ревијална „Годишна изложба“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија

Во присуство на многубројни гости и љубители на уметноста вчера во Националната галерија на Македонија-објект „Мала станица“ беше отворена 61-вата ревијална „Годишна изложба“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Изложбата ја отвори заменик-министерот Драган Недељковиќ кој во своето обраќање истакна дека македонската јавност ќе може да види дела од актуелни ликовни творци на македонската културна сцена, како и дела од истакнатиот ликовен уметник Милош Коџоман кој што со своето творештво даде значаен придонес во ликовната уметност во Република Македонија.

„Со оваа изложба, ја потврдуваме нашата доследност во настојувањата да го презентираме сето она што се создава кај нас во уметноста, да го збогатиме македонскиот културен трезор но, и да продолжиме да ги градиме нашите мостови кон светот“, рече Недељковиќ..

Во рамките на изложбата, се претставени дела на 83 автори-членови на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Во чест на неодамна починатиот сликар Милош Коџоман во рамките на изложбата беше презентирана и постхумна поставка за нивниот истакнат член и колега. По повод ревијалната Годишна изложба беа доделени и признанија од областа на ликовната уметност, од кои најзначајни се наградите „Нерешки мајстори“ за сликарство и скулптура.