Во просториите на Фудбалската федерација на Македонија се одржа работен состанок меѓу претставници на Комисијата за безбедност во федерацијата и комесари и заменици-комесари за безбедност на клубовите од Прва и Втора лига.
Главна тема на состанокот беше почетокот на пролетниот дел од натпреварувачка сезона 2015, а се дискутираше и на актуелни теми кои можат да придонесат за развој на натпреварувањето.
Претседателот на комисијата за безбедност на ФФМ, Зоран Саздов во воведниот дел од состанокот даде осврт на извештајот за безбедносната состојба на одиграните натпревари во есенскиот дел од натпреварувачката 2014/15 во македонското првенство.
„Во есенскиот дел на натпреварите од домашното првенство беа евидентирани неколку инциденти, меѓу кои најсериозниот се случи на дерби пресметката во Битола меѓу Пелистер и Вардар, на останатите беа забележани и евидентирани истакнувања на пароли и транспаренти со недоличен текст, извикувања и скандирања на верска и национална омраза, внесување и палење на пиротехнички сретства и фрлање на тврди предмети. Во насока да го подобриме фудбалскиот амбиент во домашниот шампионат, а спроти натпреварите од пролетниот дел, од страна на комисијата за безбедност на ФФМ се иницирани состаноци со претставници на клубовите, членовите на навичките групи, комесарите за безбедност на клубовите и претставници на Министерството за внатрешни работи. На последниот состанок повторно укажавме на пропишаните активности од ФФМ и УЕФА кои треба да се почитуваат, како и на законските прописи, должни да се почитуваат при организирање на натпревар. Заеднички ги елабориравме Правилникот за безбедност на ФФМ, законот за спречување насилство и недолично однесување на спортски терени и законот за спорт. Исто така, беа образложени дел од правилникот за натпреварување и дисциплинскиот правилник. Нашата цел, заедно со клубовите, е да создадеме услови за одигрување на натпревари каде фудбалската игра и надигрувањето на теренот ќе биде во прв план, не радува тоа што клубовите ги поздравуваат ваквите состаноци на кои детално се запознаени со мерките и активностите кои треба да се превземат“, – вели Зоран Саздов, претседател на комисијата за безбедност на ФФМ.
Во делот на безбедноста беше опишана улогата на делегатите на натпреварите во активностите против насилното однесување како и националистичкото и верско скандирање на трибините.