Пронајдени и одземени рибарски мрежи од водите на Охридското езеро

Повеќе рибарски мрежи во должина од околу сто метри, седум килограми риба Охридска пастрмка и низа примероци на риболовен алат и прибор, се пронајдени и одземени овој месец од водите на Охридското езеро при реализирани патроли на полициската станица за граничен надзор. Согласно законот за рибарство и аквакултура, против три лица поднесени се кривични пријави.

Во истиот период, езерската полиција регистрирала вкупно три прекршоци за непочитување на законот за внатрешна пловидба. Поради тоа поднесени се прекршочни пријави за управување пловен објект на Охридското езеро во време кога има ограничена пловидба на чамци и скутери на природните езера во Република Македонија, управување со пловен објект без уверение и без пловидбени дозволи како и поради необележаност на пловниот објект на видно место со регистарска ознака.

Поради необележаност на рибарските мрежи со жиг од Државниот инспекторат за земјоделие како и поради необележаност на пловните објекти, истите се одземени за што е запознат и јавниот обвинител.

Инаку, заради поголема безбедност во пловидбата и на капачите, заштита на животната средина како и намалување на рибокрадството на сила e ограничувањето за пловидба на скутери и чамци по водите на природните езера во Македонија. Забраната за движење на скутери е од први јули до 31 август, во периодот од 11 до 19 часот низ Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Чамците не смеат да пловат по езерските води од 21 до 05 часот.