Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, присуствуваше на манифестацијата по повод доделување стипендии за ученици и студенти од Фондацијата Даути. Во оваа прилика, Адеми истакна дека станува збор за настан на кој претставници на бизнис заедницата, инвестираат во својата иднина, односно инвестираат во образувањето на учениците и студентите.
„Убеден сум и дека доделувањето на стипендиите, е долгорочна инвестиција. Меѓу овие млади луѓе, ученици и студенти, се идните инженери, економисти, менаџери, кои ќе дадат голем придонес во развојот на индустријата. Ова се деца кои покрај своето образование во училиште и на факултет, научија уште една многу значајна работа, а тоа е дека има компании кои се општествено одговорни, кои се грижат за едукацијата на нашите граѓани и за развојот на целокупната заедница“, рече Адеми.
Министеот додаде дека се надева дека примерот на Фондацијата Даути, за стипендирање на ученици и студенти, ќе го следат и други фондации и компании.
Преку програмата „Стипендии за студенти и ученици“, 30 средношколци и 100 студенти, се стипендисти на Фондацијата Даути за учебната, односно академската 2014/2015 година.
Се надевам дека примерот на Фондацијата Даути, за стипендирање на ученици и студенти, ќе го следат и други фондации и компании, рече министерот и додаде дека оваа активност на фондацијата е целосно во согласност со целта и мисијата на министерството за образование и наука за поддршка на учениците и студентите од различни категории.
МОН оваа учебна година доделува вкупно 618 стипендии за ученици од средните училишта од кои: 400 стипендии за ученици од социјални категории, 106 за ученици талентирани спортисти, 41 за талентирани ученици, 50 за ученици со посебни потреби, 20 за ученици без родители .
За студентите годинава се доделуваат вкупно 2891 стипендија – 2780 за студенти од различни категории, 86 за студенти на информатика, и 25 за студенти од техничките факултети.
Адеми додаде дека покрај стипендии за ученици и студенти кои се школуваат во училиштата и универзитетите во земјата, министерството доделува стипендии и за студенти кои ќе успеваат да се запишат во 100-те најдобри Универзитети во светот, односно, во 200-те Универзитети за технички насоки.