ФФМ донира фудбалски топки за детските лиги во Македонија

ФФМ ја започна донацијата на повеќе од 600 топки во 7 региони во Македонија, кои опфаќаат безмалку 100 клубови и со кои ќе можат да тренираат околу 5.500 деца.

Денеска донација примија клубовите кои се натпреваруваат во северниот регион. До крајот на идната недела ќе бидат опфатени сите фудбалски региони.

Детерминирани да бидат базата што ќе овозможи добар старт за успешна спортска кариера, ФФМ ги демонстрира своите заложби преку платформата за унапредување на спортот и подигнување на спортскиот дух кај младите, а еден од предвидените проекти е и оваа донација на топки во детските лиги во Македонија.

„Оваа донација на топки, произлегува од идентификување на потребата за поддршка на идните фудбалски надежи, нашите стратешки проекти за развој на фудбалот и активности за имплементација со кои ќе ги мотивираме, бодриме и ќе им укажеме најголем респект за нивната посветеност кон фудбалот. Сакаме младите фудбалери да знаат дека споделуваме исти вредности и иста страст кон фудбалот и со оваа донација сакавме да ги увериме дека сме секогаш тука за нив, на секој чекор од патот на кој се определени да чекорат“. – изјави Филип Поповски, Генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија.

„Ние знаеме дека успехот на младите фудбалери зависи од поддршката која ја добиваат, од мотивацијата да ги развијат своите потенцијали и да бидат најдобрата верзија од себе, но успехот зависи и од средствата, опремата и условите во кои се развиваат овие таленти, затоа сме благодарни за укажаната почит и разбирање на потребите на нашиот клуб од страна на ФФМ“. – изјави Рацо Цветановски од клубот Кул од Скопје.

ФФМ има долгорочна цел активно да ја стави својата експертиза во служба на фудбалот, да се ангажира во привлекувањето на што е можно повеќе млади луѓе, да промовира идеи, да го штити угледот на фудбалот и да одржува односи со клубовите и младите фудбалери врз основа на правичност и чесност, почитувајќи го нивниот талент и идентитет.

DonacijaTopkiFFM2