Одржан состанок помеѓу високи претставници на безбедносни институции на Косово и Царинската управа

Во Царинската управа на Република Македонија се одржа состанок помеѓу високи претставници на безбедносните институции на Косово (полициските служби при Министерството за внатрешни работи, Казнено поправната установа при Министерството за правда, Царинската служба при Министерството за финансии) и претставници на Царинската управа на Република Македонија.

Состанокот се одржа во рамки на Проектот “Жените во безбедносните институции на Косово“, поддржан од Амбасадата на Норвешка во Косово. Целта на овој проект е подигање на свеста кај младата женска популација за придонесот на жените во безбедносните институции, како и мотивирање за избор на професија во униформа.

Во насока на исполнување на целите на проектот беа презентирани досегашните реализирани активности и промотивните материјали изработени од проектните тимови.

На состанокот покрај претставувањето на стратешките цели и организационата поставеност на Царинската управа на Република Македонија, беа разменети и информации за улогата на жените во институции како Царинските управи, Министерствата за внатрешни работи, казнено воспитните установи и Министерствата за одбрана.

Со цел унапредување на соработката помеѓу институциите во регионот и исполнување на целите на проектот, претставниците се согласија за натамошни работни средби и размена на искуства и најдобри пракси.