До крајот на 2015 година целосно ќе биде реализиран проектот за санација на Споменикот на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко, предвиден со програмата на Министерството за култура. Надлежната установа за реализација на проектите од областа на заштитата на недвижното културно наследство во велешкиот регион, Националниот конзерваторски центар, во изминатиот период реализираше повеќе активности кои беа во насока на зачувување на ова значајно спомен-обележје кое е симбол на градот Велес. Беа изведени и превентивни активности за елиминирање на прокиснувањето, кое како проблем се провлекува долги години. Исто така, извршено е интервентно санирање на екстериерот, промена на оштетените делови и поставување на нов плексиглас.
Споменикот на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко е еден од најголемите споменични комплекси во Македонија, изграден во периодот 1979/81 година во чест на загинатите борци во НОВ и жртви на фашистичкиот терор од овој регион. Во 1981 година објектот е ставен под заштита како споменик на културата од прва категорија. Автори на скулптурно–архитектонското решение на Спомен–костурницата се Љубомир Денковиќ и Саво Суботин, а современиот македонски сликар Петар Мазев е автор на импозантните мозаични композиции кои се наоѓаат во внатрешноста на објектот.