Зголемен бројот на домашни и странски туристи во земјава

Податоците за туристичките движења во Република Македонија за изминатата 2014 година, од страна на државниот завод за статистика се сумирани.

Изминатата 2014 година во однос на годината пред неа се карактеризира со зголемување на бројот како на домашните така и на странските туристи.

Бројот на туристи во 2014 година, во однос на 2013 година е зголемен за 4.8%, кај домашните туристи имаме зголемување од 2.7%, додека кај странските туристи зголемување за 6,4%.

Бројот на остварените ноќевања во 2014 година во однос на 2013 година е зголемен за 1,8%, кај домашните туристи има намалување за 0,2%, додека кај странските туристи има зголемување за дури 4,7%.

Мерките кои ги презема македонската Влада за зголемување на бројот на странски туристи вродуваат со плод. Постојаната промоција на земјава, на нашата храна, култура, традиција, историја, учеството во многу саеми за туризам секоја година се повеќе и повеќе даваат резултати.

Ако ги анализираме изминатите 10 години, од 2004 до 2014 година ќе видиме дека кај странските туристи секоја година има зголемување. Така, во 2004 година Република Македонија ја посетиле 165 306 странски туристи, наредната 2005 година 197 216, 2006 година 202 357… Во 2014 година бројката се искачува неколкукратно, и истата изнесува 425 314 странски туристи.

Кај домашните туристи ситуацијата до 2013 година беше многу лоша. Од 2008 година кога сме имале 350 363 домашни туристи, таа бројка секоја година се повеќе и повеќе се намалуваше, така во 2013 година бројката падна на 302 114 домашни туристи. 2014 година беше пресвртна. После неколку години пад на бројката на домашни туристи, изминатата година имаме покачување од дури 2,7%.

Тони Павловски

ФТУ-Охрид