Кичевчанец во притвор поради тешка кражба

Поради постоење основи на сомнение за сторени четири казнени дела „Тешка кражба“, полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против Ш.Р. (29) од селото Жубрино. Него одредена му е мерка притвор во траење од осум дена.

Во периодот од март до август минатата година, пријавениот со употреба на подесен предмет и кршење на бравите и катинарите, насилно отворал врати и прозорци од куќи и помошни објекти во селата Србица и Стрелци. Притоа тој противправно одзел еден агрегат за струја, повеќе моторни пили како и друг работен алат и прибор.

На идентичен начин, сега притворениот Ш.Р. влегол во амбуланта во близина на РЕК „Осломеј“ и во една приватна здравствена установа од каде одзел сирупи и други медикаменти.

На 17-ти овој месец, по наредба на судија во претходна постапка извршен е претрес во неговиот дом при што пронајдени се дел од бесправно одземените предмети. По извршеното препознавање тие се предадени на оштетените сопственици на објектите.