Се подготвува закон за прогласување на старото градско јадро на Битола за културно наследство

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска во Битола ги пушти во употреба новоизградените простории на НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“, нов корисен простор за читателите од 500 квадратни метри за што Министерството вложи 30,5 милиони денари, и најави дека во завршна фаза е подготовката на законот за прогласување на старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење.

НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола годинава одбележува 70 години постоење, располага со фонд од над 600.000 книги и списанија и придонесува за стручната и научно-истражувачката дејност, предочи министерката Канческа Милевска на денешниот промотивен настан во овој град.

„Со оваа инвестиција вредна над 30,5 милиони денари, издвоена од буџетот на Министерството за култура заврши целосна надоградба на библиотеката, завршена е фасадата на стариот дел од библиотеката, и се обезбеди добро функционален простор за читателите со над 100 седишта, простор за преслушување музички изданија, како и простор за трибини, семинари и други манифестации со можност за симултан превод,“ истакна Канческа Милевска.

За време на денешната посета во Битола министерката оствари средба и со директорите на националните установи од областа на културата, како и со градоначалникот Владимир Талески, и ги најави најважните капитални проекти што ќе се реализираат во оваа година во Битола.

„Оваа година согласно Проектот за обнова и конзервација на повеќе фасади со автентична стара градска архитектура во Битола ќе се работи на три значајни објекти, односно конзервација и реставрација на фасадите на државното музичко училиште, гимназијата и безистенот. Тоа се објекти со прекрасна автентична архитектура карактеристична за Битола и бидејќи надлежната инстуција ги изработи проектите, обновата на фасадите ќе почне во април“, потврди Канческа Милевска.

На средбата со новинарите во Битола министерката Канческа Милевска истакна дека во НУ Завод и Музеј-Битола ќе се работи на осовременување на четири археолошки депоа, проширување на музејската поставка, а во рамките на Проектот за зајакнување на културното наследство преку планирање на животната средина и менаџментот познат како „Шер-план“ поддржан од ЕУ, изработен е стратешки план и наскоро ќе биде промовиран.

„Значајно за Битола е и тоа што во завршна фаза се подготовките за донесување на законот за прогласување на старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење. Со овој закон ќе се уредат клучните прашања во поглед на заштитата на споменичната целина на старото градско јадро на Битола,“ истакна Канческа Милевска.

Националните установи од областа на културата со седиште во Битола и локалната самоуправа негуваат отворена, искрена и целосна соработка изразена низ различни заеднички активности и манифестации, посочи битолскиот градоначалник Владимир Талески на денешната средба со министерката Канческа Милевска.

„Реставрацијата на фасадите на музичкото училиште, гимназијата и безистенот со поддршка од Министерството за култура за нашиот град се од исклучително значење. Во оваа прилика сакам да издвојам дека веќе договоривме со новоизбраниот директор на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола да биде отворена канцеларија на фестивалот која ќе работи 365 дена и која освен фестивалот, ќе врши промоција на проектот „Битола филмски град“, истакна Талески.