Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, со 47 гласа „за“ и 10 „против“, ја усвои Резолуцијата за Република Македонија, изготвена од страна на известувачот за нашата земја, г. Иво Вајгл, во која по деветти пат во низа се упатува апел до Советот за итно отворање на пристапните преговори за ЕУ членство, без понатамошно одложување.
По Предлог-резолуција првично беа поднесени дури 296 амандмани, а синоќа известувачот Вајгл излезе со 16 компромисни амандмани.
Во неа се повторува дека прашањето за името, како билатерално прашање, не треба да претставува пречка за отворање на пристапните преговори, иако треба да се реши пред завршувањето на процесот на преговори. Воедно, се повикуваат Владите на Македонија и Грција да преземат конкретни чекори кон изнаоѓање на заеднички прифатливо решение. Исто така, се бара и прогрес во билатералните односи со Бугарија.
Во Резолуцијата се даваат позитивни и негативни оценки за актуелностите и реформите во земјата. Притоа, се осудува политичката криза и во таа насока се повикува на конструктивен и инклузивен дијалог меѓу Владата и опозицијата, со цел да се задржи политичката стабилност.