Во сабота Охрид е домаќин на 29-тиот Охридски пливачки маратон. На 30-километарската патека „Климе Савин“ од манастирскиот комплекс Св. Наум до градското пристаниште во водите на Охридското Езеро точно напладне ќе запливаат 20 пливачи, 10 мажи и 10 жени од Македонија, Аргентина, Италија, Венецуела, Бразил, Канада, Германија, Хрватска, Русија, Шпанија и Франција.
Како минатата така и оваа година општина Охрид застанува зад целокупната техничка организација на овој голем меѓународен настан.
„Охридскиот пливачки маратон, како спортски настан со долгогодишна традиција и светско реноме е од голема важност за Локалната самоуправа . Преку него се афирмира Охрид како развиен туристички центар кој треба да се посети. Токму поради тоа градоначалникот Никола Бакрачески и општина Охрид, ќе ја дадат максималната логистичка поддршка во насока на беспрекорна и успешна реализација на овој голем меѓународен спортски настан. И годинава Локалната самоуправа заедно со сите јавни претпријатија во соработка со Сојузот на спортови и охридската капетанија застанува зад целосната техничка организација на маратонот. Тоа значи поддршка околу организацијата во поглед на чамци за придружба, контролни чамци, глисери, бродови, водител, нуркачи, спасувачки екипи како и културно –уметничкиот дел на манифестацијата. Во 16 часот во близина на градското пристаниште ќе започне културно уметничката програма на која ќе настапат Боби Мојсоски и групата „Билјана јуниор“– рече секретарот на општина Охрид , Димитар Спасески.
Јане Карајованов од Пливачката федерација на Македонија се заблагодари за несебичната поддршка на локалната власт во насока на успешен пливачки маратон и подвлече дека токму поради таа поддршка Охридскиот маратон ги добил највисоките оценки во светски рамки.
„Верувам дека ќе имаме пријатни временски услови и топол ден. Сите други аспекти во поглед на безбедноста се исполнети. Имаме одлична соработка со градот Охрид и градоначалникот Бакрачески . Таа нивна несебична помош допринесе минатата година да ја добиеме најдобрата оценка од сите маратони во Светот. Се надеваме дека годинава ќе имаме и поголема оценка од лани .До година нашето место е загарантирано во FINA“ – рече Карајованов.
Според техничкиот делегат на FINA, Џон Хестои исполнети се сите услови за успешно издание на годинешниот охридски пливачки маратон.
„Можам да кажам дека годинава имаме голема конкуренција, привилегија е да се биде во овој град. Благодарност за сите кои учествуваа во организација на овој голем настан . Тоа е голем влог. Признавам дека сте одлични домаќини. Сум учествувал и сум видел многу пливачки маратони , но мора да признам дека е привилегија да се биде на охридскиот пливачки маратон затоа што езерската вода е преубава со убава температура. Ги имаме сите предуслови за добра трка“- потенцира Хестои.
Годинава боите на македонското знаме ќе ги бранат пливачите, Томи Стефаноски и Евгениј Поп Ацев.
„Се надевам дека во сабота ќе имаме убаво време и добра трка. Се надевам дека публиката ќе ужива и ќе имаме поддршка од навивачите. Се надевам дека се ќе помине во најдобар ред и дека најдобриот ќе победи. Оваа година беше тешка за мене. Учествував и на 10 километарските трки, на гранд при трките и на светското првеннство. И покрај здравствените проблеми што ги имав се надевам дека во сабота се ќе мине во најдобар ред“- изјави Поп Ацев.
Во сабота во езерските води ќе запливаат и најдобрите пливачи според светските ранг листи. Генерален покровител на настанот е претседателот на државава Ѓорге Иванов.