Општина Охрид со 2.675.400 денари, ќе го субвенционира користењето на спортските терени при СРЦ “Билјанини извори“ од страна на десет спортски клубови од Охрид. Поддршката што општината ја дава на спортските клубови, денес беше официјализирана со потпишување на меморандум за соработка помеѓу градоначалникот Никола Бакрачески , претседателот на Сојузот на спортови, Коста Карадимче и директорот на ЈП “Билјанини извори“, Ристе Мишев.
„Со субвенционирањето на спортските клубови во однос на користење на терените при СРЦ „Билјанини ивори“, сметаме дека ќе дадеме значаен придонес во помагање на спортските клубови и друштва во Охрид, и ќе допринесеме во развојот и на масовниот и на училишниот спорт во Охрид, онака како што тоа перманентно го правевме во изминативе две години. Комисијата при општина Охрид во состав Коста Карадимче, Ванчо Јованоски и Серафим Наумоски, по претходно распишан оглас разгледувајќи ги пристигнатите барања а имајќи ги во предвид средствата кои треба да се субвенционираат, термините кои се одобрени и цените за користење на терените од ЈП „Билјанини Извори“ одлучи клубовите да бидат субвенционирани со износи и тоа, РК „ОХРИД 2013“ АД со 1.451.200, РК „МОБИ ДИК 2012“ со 300.000, КК „КОЛИБРИ“со 134.400 денари, КИК БОКС ГОЛДЕН ТИМ со 67.800 денари, ЖФК „БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ“ со 50.000, ОФС ОХРИД со 72.000, „АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 10“ со 150.000, „ЕВРО ФУДБАЛ 2“ со 150.000, ФК „ОСК ФЕР ПЛЕЈ“ со 150.000, и ФК „ОХРИД ТОП ТИМ“ со 150.000 денари“, – објасни градоначалникот Бакрачески и посочи дека излегувајќи во пресрет на потребите на спортските клубови, ЈП „Билјанини извори“ ќе оспособи два мали терени за фудбал и тоа едниот зад главната трибина на стадионот на просторот кој остана од некогашниот помошен терен и еден на просторот источно од пристапната патека до новиoт терен со вештачка трева.
Претседателот на Сојузот на спортови, Коста Карадимче во име на членовите од сите спортски клубови се заблагодари на градоначалникот Никола Бакрачески за субвенцијата која општината им ја дава во однос на користење на спортските терени во СРЦ „Билјанини извори“.
„Се надевам дека покрај екипните спортови кои го добија овој благодет во наредниот период ќе бидат субвенционирани и другите клубови кои што не ги користат терените на ЈП „Билјанини извори“, конкретно водените спортови. Се надевам дека за многу брзо време ќе добиеме и пливачки базен а се заблагодарувам и за големиот пливачкиот маратон во чија успешна организација годинава, огромен удел имаше градоначалникот Бакрачески и општина Охрид“, – истакна Карадимче.
Директорот на ЈП „Билјанини извори“, Ристе Мишев објасни дека со субвенционирањето на спортските клубови во однос на користењето на терените , претпријатието ќе има два бенефита.
„Едниот бенефит е што ќе имаме исполнети спортски терени со спортисти а другиот, се секако финансиите односно трошоците за екипите кои што ќе тренираат на нашите спортски терени, а кои ќе ги подмирува Локалната самоуправа. Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на градоначалникот Бакрачески за несебичната поддршка и помош кон ЈП “Билјанини извори“,“ – рече Мишев.
Инаку, општина Охрид како никогаш досега макотрпно работи и го стимулира развојот на спортот, масовниот и училишен. Се остварија ветувањата, Охрид доби суперлигаш во ракомет, а фудбалерите веќе тренираат на најмодерниот стадион на вештачка трева во Македонија лоциран во рамки на СРЦ „Билјанини извори“.
Во изминатиот период, општината ги санира наследените штети во повеќе спортски клубови. На спортските екипи им обезбеди превоз и бесплатни тренинзи во спортската сала а им помогна и на олимпијката Нина Балабан и светскиот вице-шампион Гоце Мојсоски. Општина Охрид организира и големи спортски настани како финалето на Купот во кошарка на Македонија и финалето на Купот во ракомет на кои учествуваа нашите и европски ракометни гордости, екипите на „Вардар“ и „Металург“. Охрид беше домаќин на „Гимназијадата“ на која учествуваа околу 500 ученици. Охрид веќе има 18 спортски игралишта а се работи на изградба на останатите од вкупно 30 игралишта за маалски баскет кои треба да ги добие Охрид. Ново игралиште се изгради во населба „Лескајца“, а во тек е реконструкцијата и изградбата на фудбалско игралиште во Лескоец. И во иднина општина Охрид ќе гради и ќе создава подобри услови за спортување.