ВМРО-ДПМНЕ: Глупостите, манипулациите и лицемерието на СДСМ изразени на централно ниво, денес кулминираа на локално ниво

Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ, во која стои:

„Глупостите, манипулациите и лицемерието на СДСМ изразени на централно ниво преку објавување на снимени разговори до кои се дошло преку странски разузнавачки служби блиски на социјалдемократите а кои се на штета на државава, денес кулминираа на локално ниво.

Малкумината од некогашната голема политичка партија СДСМ – Охрид, кои денес за жал дејствуваат како очајна банда , се дрзнаа да го коментираат начинот на работа на ВМРО- ДПМНЕ од Охрид.

Малкумината од некогашната СДСМ – Охрид ги потсетуваме дека ВМРО-ДПМНЕ е голема политичка партија која на локално ниво има 6. 500 членови и огромен број на симпатизери. Станува збор за сериозна бројка на луѓе која доволно објаснува дека овој сериозен политички субјект нема никаква потреба да добива гласови со притисоци и уцени.

Граѓаните на Охрид препознавајќи го добриот начин на работа и партиската програма кои се во насока на подобра држава и град, доброволно стануваат нејзини членови.

Со заминувањето на СДСМ – Охрид во историјата замина и времето на притисоци кои се спроведуваа врз вработените доколку сакаа да останат на работа. Со СДСМ- Охрид, замина и времето кога луѓето насилно се повикуваа на партиски митинзи и трибини. Со СДСМ- Охрид замина и времето кога пред избори нелегално односно лажно се вработуваа луѓето низ образовните институции со што директно се поигруваше со судбината на стотици охриѓани.

Оставајќи ги скандалите, лагите и заврзламите на страната на СДСМ како обележје на нивното време, горди сме што власта на ВМРО-ДПМНЕ успеа и трајно го регулира статусот на илјадниците вработени по институциите кои долги години работеа волонтерски или со договор на дело а меѓу кои најголемиот дел работно се ангажирани по училиштата и градинките.

Бомбите на СДСМ околу прислушувањата се уште една потврда дека оваа политичка партија не знае ништо друго освен да го привлече вниманието со своите криминални дејствија од кои се згрозени и охридската и македонската јавност.“– се вели во реакцијата.