Продолжува одличната одбранбена соработка меѓу Македонија и САД

Македонија и САД се две пријателски земји со исклучително развиена соработка на полето на одбраната. Оваа соработка претставува несомнен бенефит за развојот на двете земји, но и за зацврстувањето на мирот, слободата и безбедноста во регионот и светот.

Тоа беше заклучено на денешната средба на министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски и новопоставениот амбасадор на Соединетите Американски Држави во нашата земја, Џес Бејли.

Министерот Јолевски се заблагодари за поддршката за членство на Република Македонија во Алијансата и посочи дека Македонија е подготвена и „де јуре“ да стане полноправен член на НАТО, имајќи го предвид нивото на реформи и интероперабилност како и фактот дека припадниците на Армијата во континуитет повеќе од една декада даваат свој придонес во мисиите на НАТО алијансата во Авганистан, односно мисијата ИСАФ и новата мисија „Одлучна поддршка“. Во тој контекст, министерот додаде дека за членството во Алијансата постои политички консензус и поддршка од граѓаните на Република Македонија.

Владата на Република Македонија, посочи министерот Јолевски, е определена да продолжи со реформските зафати бидејќи граѓаните на Република Македонија имаат корист од истите, а тие позитивно влијаат и врз процесите за интеграција во НАТО и Европската Унија, кои се наши стратешки цели. Во таа насока, министерот се осврна на реформите во одбраната, унапредувањето на стандардот на припадниците на Армијата, развојот на Воената академија и вниманието кое се посветува на развојот на капацитетите и вештините на секој припадник на Армијата на Република Македонија.

Амбасадорот Бејли високо го оцени нивото на одбранбена соработка меѓу двете земји и истакна дека САД високо го ценат долгогодишниот придонес и поддршка од Република Македонија на активностите и заложбите на НАТО-алијансата за воспоставување на мир и безбедност во Авганистан. „Репутацијата на македонските мировници како вистински професионалци со развиени вештини и способности, е добро позната во Вашингтон и кај земјите-членки на Алијансата. Нивните заложби се високо ценети во НАТО“, истакна амбасадорот Бејли на средбата.

Воедно, на оваа средба која е прва откако амбасадорот Бејли ја презема функцијата, министерот Јолевски му посака многу успех и исклучителни резултати на функцијата амбасадор на САД во Република Македонија.

DSC_7646_resize