Македонија и Хрватска ја продолжуваат соработката во образованието

Заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски денес присуствуваше на средбата на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со министерот за наука, образование и спорт на Република Хрватска, Ведран Морнар.

Тема на разговор беа актуелните состојби во областа на образованието во двете земји, при што се разменија искуства во насока на надминување на одредени предизвици на сите нивоа.

На средбата се разговараше и за вчера потпишаната Програма за соработка помеѓу Министерството за образование и наука на Република Македонија и Министерството за наука, образование и спорт на Република Хрватска во областа на науката, технологијата и образованието за периодот од 2015 до 2018 година, со којашто практично се продолжи соработката меѓу двете министерства, започната пред 20 години.

Инаку, програмата предвидува соработката во областа на науката и технологијата да се реализира преку кофинансирање на билатерални проекти, а паралелно продолжува и размената на позитивните искуства во областа спортот, основното, средното, како и во високото образование, каде приоритет е воспоставување на директна соработка меѓу високообразовните установи на двете земји.