Државниот секретар при Министерството за внатрешни работи Анастасија Илиеска ја отвори работилницата на тема „Заштитата на личните податоци на странците – баратели на азил, мигранти и други лица“, организирана во рамки на Македонското претседавање со МАРРИ Регионалната Иницијатива од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Дирекцијата за заштита на личните податоци во соработка со инструментот за претпристапна помош на ЕУ – TAIEX.
На Работилницата учествуваат претставници од сите земји членки на МАРРИ Иницијативата, експерти во соодветната област, како и експерти од земји членки на ЕУ кои одржаа свои презентации на темата.
„Групата лица кои се предмет на расправа и дополнителна експертска поддршка во доменот на заштита на нивните лични податоци, се дел од глобалната рамка за заштита на човековите права за кои се залагаме сите ние, без разлика што се работи за лица кои се прекршители, односно сторители на кривични дела од областа на илегалната миграција или се законски баратели на азил – во ниту еден момент не смееме поради причината да ги ставаме во подредена положба наспроти било кое друго лице.“ – истакна меѓу другото, во своето обраќање државниот секретар Илиеска.
Илиеска накусо претстави дел од активностите кои Министерството за внатрешни работи ги има преземено во насока на доследна примена на заштитата на личните податоци во текот на своето работење, вклучително и водењето на полициските евиденции заради спречување и откривање на кривични дела и прекршоци, како и пронаоѓање и фаќање на нивни сторители, односно нивна обработка само доколку постојат основи за сомневање дека одредено лицето извршило, е вклучено или било вклучено во планирање, организирање, финансирање или извршување на кривично дело.