Спроти почетокот на пролетниот дел од натпреварувачката сезона во Првата и Втората фудбалска лига, Комисијата за безбедност и Одделот за интегритет на ФФМ иницираа и одржаа низа состаноци со претставници на клубовите, навивачките групи и претставници на Министерството за внатрешни работи со единствена цел – Безбедност и заштита на интегритетот на фудбалските натпревари, мерки и активности кои произлегуваат од законските прописи и прописите на ФФМ, УЕФА и ФИФА.
Одговорните луѓе во Фудбалската федерација на Македонија задолжени за безбедноста и интегритетот на натпреварувањето одржаа состаноци (трибина) со управата на ФК Пелистер и навивачката група „Чкембари“ а, на 17. февруари одржан е состанок со првите луѓе на ФК Вардар и навивачката група „Комити“. Работни состаноци беа организирани и со клубовите ФК Шкупи и ФК Шкендија и навивачките групи кои ги поддржуваат двата клуба „Шверцери“ и „Балисти“. На сите состаноци присуствуваа и претставници на Министерството за внатрешни работи.
Претседателот на Комисијата за безбедност на ФФМ, Зоран Саздов во воведниот дел од состаноците го презентираше извештајот за безбедносната состојба во есенскиот дел од натпреварувачката 2014/15 година.
„Во есенскиот дел на натпреварите од домашното првенство беа евидентирани неколку инциденти, меѓу кои најсериозниот се случи на дерби пресметката во Битола меѓу Пелистер и Вардар, на останатите беа забележани и евидентирани истакнувања на пароли и транспаренти со недоличен текст, извикувања и скандирања на верска и национална омраза, внесување и палење на пиротехнички сретства и фрлање на тврди предмети. На состаноците со претставниците на клубовите и навивачките групи повторно укажавме на пропишаните активности од ФФМ и УЕФА кои треба да се почитуваат, како и на законските прописи, должни да се почитуваат при организирање на натпревар. Заеднички ги елабориравме Правилникот за безбедност на ФФМ, законот за спречување насилство и недолично однесување на спортски терени и законот за спорт. Исто така, беа образложени дел од правилникот за натпреварување и дисциплинскиот правилник. Нашата цел, заедно со клубовите, е да создадеме услови за одигрување на натпревари каде фудбалската игра и надигрувањето на теренот ќе биде во прв план, не радува тоа што клубовите ги поздравуваат ваквите состаноци на кои детално се запознаени со мерките и активностите кои треба да се превземат“, – вели Зоран Саздов, претседател на комисијата за безбедност на ФФМ.
Средбите и работните состаноци иницирани и организирани од ФФМ, беа поздравени од навивачките групи на клубовите, нивните претставници активно се вклучија во конструктивната расправа јасно истакнувајќи дека сите делиме заедничка цел – навивањето да биде фер, коректно и спортски. Во рамки на дискусијата, претставниците на навивачките групи дадоа свој предлози во насока да го подобриме фудбалскиот амбиент.
-во редарската служба во делот на трибината каде што се навивачите да бидат ангажирани лица од редовите на самата навивачка група.
-полициските службеници да бидат на стадионот, но не и во непосредна близина на навивачи.Во вршење на нивните задачи да бидат професионални, да не ја отсрануваат гостинската навивачка група пред да заврши натпреварот
-Подобрување на инфраструктурата на стадионите, посебно на стадионот во Битола и во Тетово, и создавање подобри безбедни услови за престојот на гледачите на трибините.
-Навивачките групи предлагаат да се направат измени и дополнувања на Законите во Р.Македонија каде што со посебна законска регулатива безбедно по сите учесници на натпреваро, би било дозволено палење на пиротехнички средства за време на натпреварот на трибината, а со самото тоа би се намалиле инцидентите и санкциите по физичкото и правното лице (гледачот или клубот), атмосферата и кореографијата би била многу подобра.
Претставниците на МВР ги забележаа мислењата, идеите и предлозите истакнати од страна на членовите на навивачките групи и истите ќе бидат целосно разгледани и усогласени со препораки до одговорните полициски службеници за превземање на мерки и активности кои произлегуваат од Законските прописи. Истотака, ги потенцираа измените во Законот за спречување на насилство и недолично однесување на спортските натпревари каде што во прекршочните одредби членот 13, 13а, 13б, 13в и 13г се однесуваат за санкциите против физичко лице каде покрај паричната казна, надлежниот суд може да изрече и прекршочна санкција, забрана за влез и присуство на сите или одредени спортски натпревари во траење најмногу до три години.
Претставниците на МВР ги поздравија состаноците и изразија задоволство од присуството на членови на навивачки групи. Од одделот за интегритет на натпреварувањето во ФФМ истакнаа дека според Прирачникот на УЕФА секоја навивачка група треба да назначи службеник – лице за контакт со навивачката група кое ќе биде во непосредна врска – контакт со навивачите, клубот, ФФМ и УЕФА. Прирачникот ќе биде доставен до сите клубови и навивачки групи со цел го разгледаат, проучат, анализираат и дадат свои предлози, мислења и иницијативи.
Во наредниот период ќе се организираат нови состаноци и трибини со навивачите.