Законот за волонтери навистина ќе им помогне на неколку илјади луѓе што долг период работат на различни основи во јавните и државните институции, оцени премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промовирањето на 12 нови наслови од проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.
Според него, тие имаат стекнато големо искуство, некои од нив и поголемо од оние што се редовни вработени на неопределено време.
„Некои се во форма на волонтери, разни договори или определено време и слично. Ова е добра можност сите овие кои веќе на некој начин се искусни кадри повеќе од нив да ги завземат на неопределено време, да добијат некоја сигурност во своите позиции и да ги заокружат своите права, затоа што многу од нив немаат соодветни права како што имаат вработените, а работат исто така силно, напорно, успешно како што тоа го прават и вработените“, рече Груевски.
Рокот, додаде тој, истекува на 12 март, до кога раководните лица на институциите каде што има вакви луѓе, треба да ги потпишат решенијата со кои ќе стапат во работен однос.
„Ова е одлична можност и за самата државна институција, но и пред се за луѓето кои долго време работеле, се труделе, се мачеле, не им се плаќале придонеси или пак земале некои минимални средства за волонтери и слично, сега да добијат една сигурност и да продолжат со своето работење. Патувајќи низ Македонија на различни трибини забележав луѓе се јавуваа од публика и прашуваа кога ќе се реши нивниот статус, луѓе кои работат по 10, 15, дури сум сретнал и лица со 18 години особено во делот на здравството, медицински сестри, лекари, итн. со години работат како волонтери, а досега не им е решен нивниот статус,“ истакна Груевски.
Законот, појасни тој, предвидува дека сите оние што заклучно со ноември имале таков статус најмалку во последните три месеци со пауза не поголема од еден месец да бидат прифатени во рамките на тие институции каде што се.