СВР Скопје во иминатиот период по преземени мерки целосно расчисти и документрираше пет кривични дела разбојништо за што против пет лица сите од Скопје на возраст од 26 до 46 години е поднесена кривична пријава до надлежното ОЈО. Пријавените разбојништвата ги извршиле во текот на јануари и фебруари годинава на подрачјето на Скопје со што се стекнале со против правна имотна корист од околу 750.000 денари.
Во првиот случај кривично пријавен е К.С. (31) од Скопје за сторено кривично дело “разбојништво“ стекнувајќи се со противправна имотна корист од 500.000 денари. Од страна на Судија на претходна постапка против пријавениот е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.
Имено К.С. заедно со уште едно непознато лице (чиј идентитет пријавениот не го открил) на почетокот на февруари годинава во претпладневните часови, извршил разбојништво во стан на ул. „Тале Христов“. Претставувајќи се како вработени во ЈП “Водовод и канализација“ влегле во станот на оштетената и по кусо време ја откриле својата вистинска намера. К.С. со нож што го земал од кујната ја фатил оштетената и со употреба на сила ја турнал на подот, и го ставил ножот на вратот и ја прашал кај ги чува парите. Потоа земал едно ќебе од креветот ја покрил и почнал да ја стиска на грбот со коленото и да ја удира со нога во пределот на главата и грбот. Второто НН лице во меѓувреме вршело пребарување и претурање по целиот стан при што во кујната, во една од фиоките на ормарот ги пронашол и одзел парите и заедно излегле од станот незабележани од никого се оддалечиле во непознат правец.
По интензивната истрага К.С. е приведен во просториите на ПС ОН „Бит Пазар“ и од страна на оштетената извршено е препознавање каде со сигурност како сторител на кривичното дело го посочила пријавениот. Против К.С. досега се поднесени шест кривични пријави повеќето од областа на имотните деликти.
Во вториот случај кривично пријавен е Е.Ј. (38) од Скопје кој што извршил едно кривично дело разбојништво стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 150.000 денари. И нему Судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Кривичното дело пријавениот го извршил во средината на минатиот месец во куќа, на ул. “Јуриј Розентал“, на тој начин што ја протнал раката преку малку подотворениот прозор од собата, го отворил вториот дел од прозорот и прекачувајќи се преку него влегол во дневната соба каде што во критичниот момент спиела оштетената. Е.Ј. со боксови ја удирал во пределот на главата нанесувајќи и повреди во пределот на устата , како и набиеници по главата и откако ја довел во состојба на безсознание и го одзел златниот накит од неа (ланец, три прстени, еден пар обетки) како и еден мобилен телфон и преку влезната врата ја напуштил куќата упатувајќи се кон својот дом. По извршувањето на кривично дело оштетената побарала помош од нејзините соседи и со итна медицинска помош е префрлена во Ургентниот Центар при клинички Центар „Мајка Тереза“-Скопје каде и била укажана лекарска помош.
По ова спроведена е интензивна истрага и дојдено е до сознание дека сторител на кривичното дело е пријавениот Е.Ј. кој е пронајден и со истиот во просториите на ПС-ОН „Чаир“ е извршен разговор. Во разговорот тој го признал делото и појаснил дека одземениот накит уште истиот ден го однел во златара во Старата Скопска Чаршија и го продал а мобилниот телефон го сокрил во неговата куќа. Со потврда за привремено одземени и вратени предмети мобилен телефон и е вратен на оштетената. Инаку и против Е.Ј. од страна на СВР Скопје од 2000 до 2015 година поднесени се 17 кривични пријави за кривични дела од областа на имотните деликти.
И во третиот случај кривично пријавени се лицата М.П (44) и М.Р. (46) за сторени три кривични дела “разбојништво“ како и лицето А.Ј. (26) за сторени две кривични дела “разбојништво“, инаку сите тројца од Скопје. Со извршените кривични дела тројцата се стекнале со противправна имотна корист од околу 99.700 денари. Од страна на судија на претходна постапка на М.П му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена додека на М.Р. и А.Ј. им се одземени патните исправи и им е наложено еднаш неделно да се јавуваат во Судот.
Кривичните дела пријавените ги извршеле во периодот од 10 до 18 јануари годинава, во доцните вечерни часови, во куќи на подрачје на Гази Баба, при што едното е извршено со физичка сила, а додека другите две се извршени со закана со огнено оружје – пиштол. Притоа во првото кривично дело додека А.Ј. останал во возилото (ПМВ марка “Киа Сефија“ сопственост на М.Р.) другите двајца дошле до куќата на ул. “Антон Попов“ каде со погоден алат делувале помеѓу касата и крилото по што ја отвориле влезната врата и влегле внатре. Едениот од нив со физичка сила ја задржал оштетената на креветот каде спиела и се заканил да не вика, а за тоа време другиот направил претурање и пребарување по собите каде пронашол и украле два женски паричника во кои имало околу 5.000 денари и откако ги одзеле парите излегле од куќата и незабележани од никого заминале.
Потоа, во второто кривично дело во куќа на ул “Дурмиторска“, идентично и на претходното А.Ј. останал во возилото, а М.П. и М.Р. дошле до влезната врата од куќата ја отвориле насилно влегле во куќата и едениот од нив со закана со огнено оружје пиштол го задржал оштетениот на креветот каде спиел заканувајќи му се да не вика и да каже каде се парите. За тоа време другиот направил претурање и пребарување по собите каде пронашол една штека на цигари и 200 денари и потоа си заминале во непознат правец. И во третото “разбојништво“ извршено во куќа на улица “Палмиро Тољати“ М.П. и М.Р. биле заедно со едно засега се уште непознато лице, откако претходно побарале од А.Ј. да им ја посочи куќата на неговите роднини односно куќата на оштетената, со наводно сознание дека оштетената има поголема сума на пари од продаден стан. Сторителите дошле до влезната врата од куќата каде со погоден алат насилно ја отвориле влезната врата влегле маскирани со фантомки на главите и со закана со огнено оружје -пиштол им се заканиле на оштетените да не викаат при што едниот ги чувал во дневната соба а за тоа време другите двајца извршиле претурање и пребарување при што пронашле и одзеле пари, лап топ компјутер, мобилен телефон, златен и сребрен накит и гардероба.
По ова од страна на полициските службеници спроведена е интензивна истрага и набргу идентификувани се се сторителите на посочените три “разбојништва“. Врз основа на наредба на Основен Суд Скопје 1 -Скопје извршени се претреси во домот на М.П. при што се пронајдени дел од украдените предмети како и 57 парчиња маневарска муниција калибар 9 мм марка RWSN, еден додаток за цевка на пиштол, а додека од М.Р. одземено е ПМВ марка “Киа Сефиа“. Инаку според крим-евиденцијата на СВР Скопје од 1992 година до 2014 против М.П. се поднесени шест кривични пријави од областа на имотните деликти како и кривични дела против животот и телото, а против М.Р. поднесени се четири кривични пријави од областа на имотните деликти.