Ажурирано Упатството за водење здрава бременост

Упатството со препораки за водење здрава бременост изготвено по примерот на британската куќа NICE – Национален институт за здравствена заштита (како еден од највисоко рангираните извори на клинички упатства во областа на перинатологијата), кое веќе го применуваат матичните гинеколози, Министерството за здравство во соработка со стручни лица го ажурираше како дел од програмата за практицирање на Медицина базирана на докази.

Причина за ажурирањето на Упатството се статистичките податоци од Заводот за здравствена заштита на мајки и деца кои покажуваат дека е зголемен бројот на предвремено родени деца и деца родени со ниска родилна тежина, како резултат на повеќе фактори (инфекции за време на бременост, несоодветна исхрана за време на бременоста, пушење и сл.). Според податоците од 2013 година, 7,4 отсто на 1.000 живородени деца се со ниска родилна тежина, а претходните две години бил околу 7 отсто. Просекот во развиените земји е 6 отсто, а во неразвиените земји 30 проценти.

Според податоците, се зголемува возрасната граница на породените жени (35,8 отсто од бремените се жени на возраст од 30 – 39 години), така што се зголемува и потребата за навремени гинеколошки прегледи и следење на бременоста, со цел водење здрава бременост.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека една од новините кои ги вовеле со ажурирање на Упатството е ултразвучно одредување на должината на грлото на матката кај бремената жена, во рамки на скринингот за структурни аномалии, помеѓу 20. и 24. недела од бременоста. Станува збор за новина, посочи министерот, која не е интегрален дел на упатството на NICE, но е составен дел на препораките од релевантни светски здруженија од областа на гинекологија.

„Со примената на ова испитување се очекува навремено да се идентификуваат оние пациентки кај кои постои ризик од предвремено породување, а со тоа и навремено да се преземат мерки за негово спречување, а воедно да се намали стапката на предвремено раѓање“, истакна Тодоров.

Ажурираното упатство ќе биде објавено во Службен весник и на веб страницата на Министерството за здравство, ќе биде доставено и до сите матични доктори, а редовно ќе се објавуваат препораки од ова упатство и на Facebook страницата Здрава бременост. Наменето е за доктори-гинеколози во примарно и секундарно ниво на здравствена заштита и претставува збир на препораки за водење здрава бременост.

„Упатството за антенатална грижа ги опфаќа најважните аспекти во водење на неризичната бременост, како што се: препорачан број на контроли во текот на бременоста, број на ултразвучни прегледи во текот на бременоста (кога се препорачува тие да се направат и што опфаќа секој од прегледите), како и лабораториски испитувања што треба да се спроведат во текот на бременоста“, истакна Тодоров.

Во упатството, посочи министерот, се наведени и прегледи кои не се задолжителни, но се препорачуваат за бремената жена, како и препораки за здрава исхрана и здрави животни стилови. Дел од препораките се фокусирани на животните навики на кои треба особено да се внимава при водењето здрава бременост, како што се: употреба на суплементи, практикување на физичка активност и спорт, работа во текот на бременоста, диететски режим и промени во телесната тежина изразени преку Индексот на телесната тежина, патување во текот на бременост и слично.

„Следењето на бременоста и сите прегледи во текот на бременоста ќе се евидентираат и во електронската мајчина книшка која ќе биде интегрирана во системот МојТермин, така што гинекологот ќе има пристап до податоците за своите пациентки. Целта е со Упатството да се унифицира пристапот во водење на здрава и неризична бременост, а од друга страна навремено да се идентификуваат пациентките со постоечки ризик, односно пациентки кај кои треба да се спроведат дополнителни испитувања и да се дадат дополнителни препораки за успешно водење на бременоста“, рече Тодоров.

Укажа на потребата од превентивните прегледи кај матичните гинеколози за време на бременоста, со цел навремено откривање на евентуални ризици и состојби, преземање на мерки за ндминување на истите, а со тоа обезбедување на здрава бременост и здраво новороденче. Апелира сите бремени жени да ја следат својата бременост кај матичните гинеколози, да ги направат потребните прегледи согласно ова упатство, бидејки на тој начин се грижат за своето здравје, но и за здравјето на своето новороденче.

„Здравствените услуги за бремените жени претставуваат едни од врвните приоритети на Министерството за здравство, имајќи предвид дека тие се главен предуслов за здравјето на мајките и децата, односно за здрави поколенија. Посебно сме фокусирани на навремено воведување на бремените жени во системот на здравствена заштита со цел континуирана грижа за време на бременоста, породувањето, како и периодот по породувањето.“- рече Тодоров.