Македонија дел од најзначајната интернационална туристичка берза “ITB 2015”

Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, туристичките потенцијали на Македонија и оваа година се претставуваат на интернационалната туристичка берза „ITB 2015”. Туроператори, агенции, хотели, авиокомпании од 4-8ми март се во центарот на туристичкиот форум во Берлин, Германија.

АППТ континуирано да ја промовира Македонија на овој реномиран саем од областа на туризмот, со цел да се зголеми видливоста на туристичките дестинации во нашата земја и да се поставиме како сериозен учесник на светската туристичка карта, а со цел да се прошири и зголеми заинтересираноста на туристичката фела и потенцијалните туристи од Германија, Европа и светот.

„АППТ има уште едно успешно и соодветно претставување на македонскиот туристички производ и можностите за инвестирање во туризмот пред Германските тур-оператори на најзначајниот саем за туризам во Еврооа, ITB 2015. Остваривме средба со продукт менаџерот на FTI Touristik Gmbh кои продаваат пакети за патувања во 80 земји и е четврт по големина тур-оператор во Германија. Истите се подготвени да ја стават Македонија во нивната туристичка понуда за претстојнава сезона и Скопје да стане омилена “city break” дестинација со оглед на четирите директни авионски линии со Германија. Се оствари средба со директорот на Асоцијацијата за Активен Туризам (АТТА) за Европа, Chris Doyle на која се разговараше за активностите што треба да се превземат за најголемиот регионален самит за активен туризам. Во областа на активниот туризам водечката улога ќе ја има Македонија, а целта е развивање на активниот туризам и претставување на заеднички туристички производ меѓу Македонија, Албанија и Косово. Беа остварени состаноци за идна соработка со туристичката агенција од Албанија, Хрватска, Националната туристичка организација на Подгорица, Црна Гора, Албанија и Косово и многу други значајни професионалци од областа на туризмот.” изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Д-р Kристијан Џамбазовски.

„ITB 2015” повторно е форум за презентација на 180 земји и приближно 12.000 излагачи од областа на туризмот и одлично место македонските туристички потенцијали да бидат презентирани на германскиот пазар со нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали изработени за германскиот пазар. Македонија има многу што да понуди, а тоа е комплетна туристичка понуда, мозаик од култура, традиција, природните богатства, храна, одлично вино и гостопримливоста на македонскиот народ.