Проектот „Домашна визита“ продолжува во рурални и потешко достапни средини

Министерството за здравство почна со реализација на нов, шести по ред, циклус на проектот „Домашна визита“ и со него е опфатена нова категорија лица од руралните и потешко достапни населени места во државата. Проектот се реализира во рамки на Програмата „Здравје за сите“. Посетите се организираат според информациите од системот МојТермин, а пред да дојдат во домот, патронажните тимови се најавуваат телефонски кај граѓаните.

Министерот за здравство Никола Тодоров информираше дека посетите се спроведуваат во периодот од 10 до 14 часот и согласно акцискиот план, денеска патронажните тимови одат во населените места Добрево, Лесново и Древена во регионот на Пробиштип, селата Корошишта и Шум во струшко и во селата Мождивњак и Конопница во регионот кој го покрива Здравствен дом Крива Паланка.

Во повеќе региони низ државата, меѓу кои Скопје, Струга, Охрид, Крива Паланка, Пробиштип, Кичево, Неготино, уште вчера се посетени по неколку села во секој регион.

Во следните два месеца, над 300 патронажни тимови од здравствените домови во државата е предвидено да посетат околу 36.000 лица кои живеат во рурални и потешко достапни средини, со посебен фокус на постарата популација, на кои заради возраста им е потребна поголема здравствена нега, а со оглед на тоа што живеат во рурални средини им е отежнат пристапот до примарна здравствена заштита.

Посетите ги изведуваат обучени сестри од патронажните служби во здравствените домови низ целата држава и тие имаат обврска секојдневно по неколку часа во денот да ги посетуваат постарите, хронично болни лица, кои доколку има потреба се упатуваат на повисоко ниво на медицинска здравствена заштита.

Со проектот Домашна визита досега се опфатени над 50.000 постари лица со хронични болести (респираторни, кардиоваскуларни, дијабетес), а посетите ги изведуваат обучени тимови од патронажна служба од здравствените домови од целата држава, кои вршат мерење крвен притисок, шеќер, холестерол, а воедно даваат совети за исхрана, за физичка активност и други совети за здрави стилови на живеење.

Податоците од терен покажуваат дека кај пациентите кои имаат дијабетес, дел од нив имаат неконтролирано ниво на шеќер, односно нивото на детектираната гликемија е повисоко од посакуваната вредност. Такви случаи се детектирани речиси во сите региони низ Македонија. Кај таквите пациенти даден е совет за исхрана, за промени во животниот стил, интензивирање на физичката активност, како и да се јават кај матичниот доктор за натамошно регулирање на гликемијата. Поради зголеменото ниво на шекер во крвта посетените лица се советувани да направат преглед за да се утврди дали има евентуално оштетување на органи односно да направат ЕКГ, преглед на функцијата на окото и бубрезите.

„На пример, во Куманово од посетените лица околу 2,5 отсто не знаеле дека имаат зголемено ниво на гликемија. Во истиот регион околу 2,7 отсто од посетените лица имале зголемен крвен притисок, а околу 12 отсто (од вкупно посетените лица) имале мускулно-скелетни проблеми. Во Делчево бил детектиран пациент со многу високи вредности на гликемија и истиот бил веднаш упатен во Итната медицинска помош, а потоа препратен во болницата во Штип.

Исто така во охридскиот регион се детектирани пациенти кои имаат потврдена астма, кај помал дел од нив се влошени симптомите (меѓу другото и поради временските прилики) и даден е совет да се јават на пулмолог. Во Кичево од вкупно посетените, околу 20 отсто од нив имаат ново откриена хипертензија, поради што се упатени кај матичните лекари за терапија. Новооткриени пациенти со дијабетес во овој регион биле околу 3-5 отсто, а новооткриени пациенти со зголемени нивоа на маснотии околу 2 отсто.

„Проектот Домашна визита го инициравме како широка акција за превентивни здравствени прегледи со цел зголемување на грижата за постарите и изнемоштени лица и дополнително приближување на здравствената заштита до оваа категорија граѓани. Како резултат на позитивното искуство од терен и искажаниот интерес на граѓаните за овој вид прегледи, одлучивме да ја прошириме акцијата со оваа повозрасна категорија граѓани од руралните подрачја, со ставање силен акцент на превенцијата, која пак е многу значајна за подобрување на севкупната состојба во здравството во државата“, додаде Тодоров.