Нови 165 војници на Република Македонија на доброволно служење воен рок во Армијата

Армијата на Република Македонија им посака добредојде на новите војници кои денес положија свечена заклетва во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ – Велес. 165 војници на Република Македонија меѓу кои 12 жени во наредните три месеци ќе бидат обучувани од инструктори од Центарот за индивидуална обука во Велес, кои ќе се запознаат со основната воена обука и воедно тие ќе претставуваат база за понатамошниот избор на професионални војници.

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски имаше свое обраќање на денешната свеченост при што на новите граѓани кои ја потпишаа денешната заклетва им порача:

„За сите нас, исполнувањето на уставната обврска за чување и бранење на територијалниот интегритет и суверенитет на татковината, претставува чест, гордост и највисок чин на патриотска должност. Со свечената заклетва вие се обврзавте на тоа, да ја браните татковината и највисоките уставни и човекови вредности“.- порача Јолевски.

Имајќи предвид дека оваа година ќе се распише уште еден конкурс за прием на нови 125 професионални војници, при што услов е граѓаните да имаат завршено доброволно воен рок, министерот Јолевски дополнително порача: Вашиот избор Ви ја отвора можноста да продолжите со надградбата на воената професија во професионалниот состав на служба во Армијата на Република Македонија. Со ова ќе Ви се отвори можност да станете столб на одбрана на нашата татковина.

Во рамки на свеченост се обрати и командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Љупчо Костовски кој најнапред истакна дека денес присуствуваме на давањето заклетва на 25-та јубиларна генерација на војници. „Со овој свечен чин овие млади луѓе се приклучија на големото семејство на Армијата на Република Македонија“ рече полковникот Костовски.

На денешната свеченост покрај министерот Јолевски, присуствуваа и заменик началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Насер Сејдини, останати високи претставници и офицери од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, претставници на локалната самоуправа, граѓани и родители на новите доброволци.