Започнуваат археолошките истражувања на локалитетот Костоперска карпа

Со финансиска поддршка од Министерството за култура, Националната установа Музеј – Куманово ги започнува археолошките истражувања на локалитетот Костоперска карпа или Жеглиговски камен – импозантна базалтна карпа од вулканско потекло во околината на Младо Нагоричане.

Во досегашните истражувања на локалитетот Костоперска карпа е откриено постоење на повеќеслојна населба со континуиран хронолошки и културен живот. Станува збор за локалитет богат со археолошки материјал од енеолитот, а се откриени и предмети од железно време, особено садови од керамика, накит од злато, сребро и килибар, како и стаклена паста и бронза. Во минатото тука постоеле дури 40 цркви поради кои месноста била нарекувана Мала Света Гора, а во подножјето на карпата се наоѓаат зачуваните средновековни цркви „Св. Петка“ и „Св. Ѓорѓи Победоносец“, како и повеќе гробови. Според археолозите, на овој простор се наоѓа и ранохристијанска базилика која се користела за погребување, како и остатоци од средновековни ѕидини. Особено се издвојува подземна просторија која се уште не е доистражена.

Со рализацијата на археолошките истражувања и со уредување на локалитетот Костоперска карпа, ова место ќе го привлече интересот на посетителите.