Потпишан Меморандум за соработка со Microsoft во областа на образованието

Министерството за информатичко општество и администрација и Канцеларијата на Microsoft во Скопје, денеска го потпишаа Меморандумот за соработка во областа на образованието, кој овозможува употреба на новите информатички технологии во образовните процеси во земјата.

Министерот Ивановски и генералниот директор на Microsoft за Централна и Источна Европа, Адриана Боерсма, истакнаа дека документот е од исклучителна важност за младите генерации, бидејќи преку него се поттикнува креативноста, нови идеи и знаења кои се неопходни за едукативната сфера.

„Меморандумот нуди една сеопфатна заедничка јавно-приватно програма за образовна надоградба, чии стратешки цели се: развој на учењето, поттикнување идни иновации и развој на вештини и квалификации од 21-от век. Преку овој документ ќе соработуваме и ќе се фокусираме на креирање Microsoft иновативни училишта и иновативни наставници, развој на ИТ академија, програми за сертификација и многу други активности од заеднички интерес.“– рече министерот Ивановски.

Тој додаде дека Министерството за информатичко општество и администрација и Microsoft заеднички ја препознаа потребата да се подобри пристапот и користењето на информатичката и комуникациската технологија во основното и средното образование, па оттука ќе се стремат заеднички да го подобрат пристапот и употребата на ИКТ за поддршка на наставата и учењето.

„Наша заедничка заложба е да ги поттикнеме младите луѓе да имаат повеќе можности за образование, вработување и претприемништво. Нашето партнерство е посветено да им помогне на младите луѓе да ги искористат можностите преку програмите на Microsoft, со цел да научат вештини, да се подготват за идните работни места, како и да започнат сопствен бизнис.“– истакна Ивановски.