„Имам особена чест денес да бидам домаќин на државниот секретар за поранешни борци и историски настани во Министерството за одбрана на Француската Република, Жан – Марк Тодешини, кој е во посета на Република Македонија“, изјави денес за медиумите, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, по билатералната средба која се одржа во Охрид.
За време на средбата двајцата соговорници истакнаа дека билатералните односи помеѓу двете земји се на одличо ниво. За време на разговорите министерот Јолевски, ја истакна заложбата на Република Македонија во насока на интеграција во НАТО и Европската Унија и воедно изрази благодарност за поддршката која ја добива Република Македонија во реализација на нејзините цели за членство во НАТО Алијансата. Дополнително, министерот Јолевски го истакна придонесот на припадниците на Армијата на Република Македонија во мировните мисии подржани од НАТО и нивното натамошно учество во новата мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Во оваа прилика министерот Јолевски го изрази своето задоволство за овозможените обуки и школувања во Франција за нашите припадници и додаде дека ова се должи на укажаната потреба во поглед на новите закани кон глобалната безбедност.
Државниот секретар Тодешини во изјава за медиумите рече:
„Лично сакам да го изразам своето задоволството што денес ја посетувам Република Македонија. Истовремено сакам да истакнам дека сум дојден овде да изразам почит кон сите француски војници кои го дале својот живот на Источниот фронт. Со македонскиот министер за одбрана, разговаравме за сите комеморативни настани и сеќавања кои што заеднички ги организираме, но исто така и за подготвеноста на идните генерации да се сеќаваат на тоа минато. Дополнително разговаравме за интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и НАТО и се согласивме дека треба да се продолжи со напорите за модернизација на Армијата и со реформите и кога ќе дојде моментот Македонија да стане дел од НАТО“.- рече Тодешини.
Главна цел на оваа регионална посета е отпочнувањето на комеморациите за Источниот фронт, како дел од одбележувањето на стогодишнината од Првата Светска Војна, во партнерство со властите и државните институции, како и локалните чинители во Република Македонија низ коишто се случувале судирите на Источниот фронт.