Јавна расправа за приватно сместување

Согласно задолжението на Владата на Република Македонија доставено до Министерство за економија во кое се бара да се достави „Предлог законски измени и дополнувања со кои ќе се предвиди сместувачки капацитети од типот на соба или апартман од физички лица да имаат најмногу 5 (пет) соби во еден објект, а доколку располагаат со повеќе од 5 (пет) соби, да мора да се регистрира како правно лице и да се категоризира соодветно“, општина Охрид преку Секторот за туризам и локален економски развој 13.10. 2016 год. (четврток) во 11 часот во големата сала во општина Охрид организира јавна расправа.

Целта на оваа јавна расправа е разгледување на можноста и давање предлози и сугестии во врска со предложената измена. На јавната расправа се поканети пратениците во Собранието на Република Македонија, советници од Советот на општина Охрид, претставници од Министерство за економија, Факултетот за туризам и угостителство, ХОТАМ, Агенција за промоција и поддршка на туризмот, туристички агенции, инспекциски совет, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за туризам на Македонија, Државен пазарен инспекторат, Управа за јавни приходи и вршители на угостителска дејност.