Регионалната иницијатива МАРРИ – релевантен партнер од големо значење за земјите од регионот

„Успешната приказна која ние земјите од регионот ја започнавме пред 11 години со воспоставувањето на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграции, не само што сеуште трае, туку истата континуирано се етаблира како меѓународен фактор и релевантен партнер во спроведувањето на проекти од големо значење за земјите од регионот“. Ова, меѓу другото, го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешниот дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција (МАРРИ), што се одржа во Владата на РМ. Во своето обраќање Јанкулоска нагласувајќи ја континуираната и несебична подршка што во годините наназад МВР ја дава во рамки на МАРРИ иницијативата, посочи дека – “една од главните цели која нè водеше во текот на подготовката на Македонското претседателство со МАРРИ беше продлабочување на регионалната соработка и зајакнување на регионалните капацитети со цел брз и енергичен одговор кон предизвиците со кои се соочуваме“.

Притоа Јанкулоска презентираше дел од бројните реализирани активности во насока на едукација, поквалитетно нормирање и подобрување на борбата против трговијата со луѓе, како и во областите на илегалната миграција и азилот. “Европската перспектива и зачленувањето во Европската Унија е единствена опција за сите земји од регионот. Иако Република Македонија подолго време е земја кандидат, сепак тоа не нè обесхрабрува многу, туку напротив, повеќе ни дава сила да покажеме дека ние сме спремни за отпочнување со процесот на преговори и тоа час поскоро“, нагласи министерката Јанкулоска.

Инаку, во текот на минатата 2014 година во областа на илегалната миграција откриени се 92 кривични дела “криумчарење мигранти“, што е за речиси двојно повеќе од претходната 2013 година, при што кривично пријавени беа 166 лица. Исто така по однос на кривичното дело “организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти“ откриени се 17 вакви кривични дела во кои кривично се пријавени 43 сторители, а во рамки на овие активности детектирани се и четири криминални групи кои имале 28 членови и организирале криумчарење мигранти од Блискиот и Среден Исток и Северна Африка во западноевропските земји. По однос пак на кривичното дело “злоупотреба на безвизниот режим со држави членки на ЕУ и Шнегенскиот договор“ лани биле откриени 19 такви случаи во кои 32 лица се кривично пријавени. Исто така во Прифатниот центар во Скопје биле сместени 838 илегални мигранти, а евидентирано е дека лани 1750 лица илегално ја минале државната граница (во споредба со 1132 лица во 2013 година) од кои најмногу биле од соседна Албанија (624) потоа од Сирија (570) од Авганистан (291) како и од други земји од Блискиот и Среден Исток, и Северна Африка.